6. Не додавај им ништо на Неговите зборови, за да не те изобличи и да не те смета лажлив.
7. За две нешта те молам: не откажувај ми ги, додека не умрам:
8. оддалечи ги од мене: суетата, и лагата; не ми давај ни сиромаштво ни богатство; храни ме со мојот насушен леб;
9. за да не се откажам од тебе, откако ќе се наситам, и да речам: „Кој е Господ?” Или осиромашувајќи - би крадел и би го онечистил името на својот Бог.
10. Не го клевети слугата пред неговиот господар, зашто би можел да те проколне, и да се најдеш виновен.
11. Има род кој го колне татка си и не ја благословува својата мајка!
12. Род кој мисли за себе дека е чист, а не е измиен од своите нечистотии.
13. Род со издигнати очи, кој ги крева високо своите клепки!
14. Род чии заби се мечеви, а челустите ножеви, за да ги изеде несреќните на земјата и бедните меѓу луѓето!
15. Пијавицата има две ќерки: „Дај! Дај!” Суштествуваат три ненаситни работи; и четири што не велат: „Доста!”
16. Смртта, неплодната утроба, земјата што никогаш не се сити со вода, и огнот што никогаш не вели: „Доста!”
17. Окото што му се потсмева на таткото и одречува послушност на мајката, ќе го исколваат поточните гаврани и ќе го изедат млади орли.
18. Три нешта ми се чудни, а четвртото не го разбирам:
19. орловиот пат по небото, змииниот пат по стената, патот на бродот среде морето, и патот на мажот кон девојката.