Стар Завет

Нов Завет

Изреки 29:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Човекот кој по опомената останува тврдоглав, во миг ќе се скрши и нема да му има лек.

2. Народот се радува кога се умножуваат праведниците, а народот воздивнува, кога ќе завладеат нечесните.

3. Човек кој ја љуби мудроста, го радува татка си, а кој се дружи со блудниците, го растурува имотот.

4. Царот ја одржува државата со правда, а ја разурнува кој бара подароци.

5. Човек кој му ласка на својот ближен, им простира мрежи на неговите стапки.

6. Во гревот е стапицата за лошиот човек, а праведникот ликува и се весели.

7. Праведникот го разбира правото на бедните, а нечесниот не вникнува за да сфати.

8. Потсмевачите го запалуваат градот, а мудрите го стивнуваат гневот.

9. Кога мудриот спори со безумникот, или да се гневи, или да се смее, сеедно, нема мир.

10. Крвопијците го мразат чесниот, а праведниците се грижат за неговиот живот.

11. Безумникот го излева сиот свој гнев, а мудриот го воздржува.

12. Ако владетелот послуша лажлив збор, сите негови слуги стануваат нечесни.

13. Сиромавиот и дерикожецот се среќаваат, Господ ги просветлува очите на двајцата.

14. Цар кој им суди на бедните според правдата, има цврст престол довека.

15. Прачката и изобличувањето даруваат мудрост, а разузданото дете ја срами својата мајка.

Прочитајте целосна глава Изреки 29