13. Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост.
14. Блажен е човек, кој секогаш се бои, зашто човек со тврдо срце запаѓа во несреќа.
15. Лав што рика и гладна мечка: таков е опакиот владетел за бедниот народ.
16. Неразумниот управител прави многу насилства, а кој ја мрази лакомоста, живее долго.
17. Човек кој е виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб: не застанувајте го.
18. Кој живее праведно, се спасува, кој оди по криви патишта, пропаѓа на еден од нив.
19. Кој ја обработува својата земја, ќе се насити со леб, а кој трча по суетите, ќе се насити со сиромаштво.
20. Чесниот човек изобилува со благослови, а кој брза по богатство, не останува без казна.
21. Не чини да се биде пристрасен на суд, зашто и за залак леб човекот прави зло.
22. Лакомецот брза по богатството, а не знае дека ќе го стигне скудноста.
23. Кој го изобличува човекот, после ќе најде поголема милост, отколку оној, кој ласка со својот јазик.
24. Кој ги ограбува татка си и мајка си и вели: „Не е грев”, другар му е на разбојникот.
25. Срцето на горделивецот зафаќа препирка, а кој се надева на Господа, ќе напредува.
26. Безумен е кој се надева на своето срце, а се спасува кој живее мудро.
27. Кој му дава на бедниот, не трпи скудност; а кој ги одвраќа своите очи, ќе биде проклет.
28. Кога се издигаат нечесните, луѓето се кријат, а кога пропаѓаат, тогаш се умножуваат праведниците.