Стар Завет

Нов Завет

Изреки 1:7-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Стравот од Господа е почеток на мудроста, но безумните ги презираат мудроста и поуката.

8. Сине мој, послушај ја поуката на својот татко и не отфрлај го учењето на својата мајка!

9. Зашто ќе ти бидат милостив венец на главата и ѓердан околу твојот врат.

10. Сине мој, ако грешниците те мамат, не се согласувај;

11. ако ти речат: „Дојди со нас, да дебнеме крв, да чекаме во заседа невини за ништо;

12. како гроб живи да ги проголтаме, и цели како оние, што слегуваат во гроб;

13. ќе заплениме секакво благо, ќе ги наполниме своите куќи со плен;

14. ќе го фрлаш со нас својот жреб, сите заедно ќе имаме едно ќесе.”

15. Сине мој, не оди со нив на пат, тргни ја ногата од нивните патеки,

16. зашто кон зло трчаат со своите нозе и итаат да пролеваат крв.

17. Зашто напразно е да се оптегнува мрежа, пред очите на сите птици.

18. А тие ја дебнат сопствената крв, поставуваат заседа за своите души.

19. Такви се патиштата на сите лакоми за пари, на завладеаните од нив им го одзема животот.

20. Премудроста извикува гласно на улица, го подига својот глас на плоштадите;

21. проповеда по бучни агли, при отворените градски врати, ги говори своите зборови:

22. „До кога, вие глупави, ќе ја љубите глупоста, и до кога на потсмевачите ќе им биде мило потсмевањето, и до кога безумниците ќе го мразат знаењето?

23. Послушајте ја мојата опомена! Ете, го излевам својот дух пред вас, сакам да ве поучам со свои зборови.

Прочитајте целосна глава Изреки 1