Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 8:22-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. Но во тој ден ќе го одделам Гесенскиот Крај, во кој живее Мојот народ, па таму нема да се појават стршели, така да знаеш дека Јас Сум Господ во средиштето на земјата.

23. Ќе ја направам таа разлика меѓу Својот и твојот народ. утре ќе биде тој знак.”‘„

24. И направи Господ така. Роеви стршели долетаа во фараоновиот дворец, во домовите на неговите службеници и по целата Египетска Земја. Земјата настрада од стршели.

25. Сега фараонот ги повика Мојсеја и Арона па им рече: „Отидете, принесете Му жртва на својот Бог, но во оваа земја.”

26. „Не е прилично да направиме така - одговори Мојсеј. Жртвите што ние Му ги принесуваме на Господа, се нечисти за Египетците. И така, кога би принесувале, пред нивни очи, жртви што се за Египетците нечисти, зар не ќе нè каменуваат?

27. Затоа треба во пустината, три дни одење, па да Му принесеме жртва на Господа на својот Бог, како што ни заповеда.”

28. „Ќе ве пуштам да заминете во пустината - одговори фараонот - и да Му принесете жртва на Господа, својот Бог, ама не одите предалеку. Молете се за мене!”

29. Тогаш Мојсеј одговори: „Штом ќе излезам од кај тебе, ќе Го помолам Господа да ги снема утре стршелите од фараонот, од неговите службеници и од неговиот народ. Но фараонот нека не нè измамува повеќе! Нека го пушти народот да замине и да Му принесе жртва на Господа.”

30. Така Мојсеј излезе од кај фараонот и Му се помоли на Господа.

31. И Господ направи како што бараше Мојсеј: ги снема стршелите од фараонот, од неговите службеници и од неговиот народ - не остана ниту еден.

32. Но пак го закорави фараонот своето срце и не му одобри на народот да замине.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 8