Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 8:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ му рече пак на Мојсеја: „Оди кај фараонот и речи му: ‘Вака говори Господ: „Пушти го Мојот народ да замине и да Ми искаже почитување.

2. Ако одбиеш да ги пуштиш, ќе ти ја казнам целата земја со жаби.

3. Реката ќе врие со жаби. Тие ќе излезат и ќе навлезат во твојот дворец, во ложницата, во твојата постела, во куќите на твоите службеници и на твојот народ, под твоите вршници и ноќви.

4. Жабите ќе скокаат на тебе, на твојот народ и на сите твои службеници.”‘„

5. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Речи му на Арона нека ја испружи својата рака со стапот врз реките, потоците и езерцата, и направи жабите да се нафрлат на Египетската Земја.”

6. Арон ја протегна својата рака врз египетските води, и жабите излегоа и ја покрија Египетската Земја.

7. Но и бајачите направија така со своето баење, па жабите се нафрлија врз Египетската Земја.

8. Сега фараонот ги повика Мојсеја и Арона и рече: „Молете Го Господа да ги отстрани жабите од мене и од мојот народ, а јас ќе го пуштам народот да Му принесе жртва на Господа.”

9. Мојсеј му одговори на фараонот: „Чест нека ти е да ми одредиш кога сакаш да се молам за тебе, за твоите службеници и за твојот народ, за да се отстранат жабите од тебе и од твоите домови и да останат во Реката.”

10. „Утре,” рече. „Нека биде како што велиш - одговори Мојсеј - да знаеш дека никој не е како Господ, нашиот Бог.

11. Жабите ќе си отидат од тебе, од твоите службеници и од твојот народ; ќе останат само во Реката.”

12. Мојсеј и Арон отидоа од фараонот, а тогаш Мојсеј Го повика Господа заради жабите со кои го казни фараонот.

13. И Господ го послуша Мојсеја, па жабите пцовисаа по куќите, дворовите и нивите.

14. Ги собираа на купови, земјата засмрде од нив.

15. Кога фараонот виде дека настапи олеснување, срцето му закораве па не ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и рече.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 8