Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 5:8-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. А барајте од нив исто количество плитари, што го правеа и досега. Не намалувајте го! Мрзливци се. Затоа викаат: ‘Ајде да Му принесеме жртва на својот Бог.’

9. Наложете им работи на тој народ: нека работат, за да не обрнуваат внимание на клеветите!”

10. Така, дојдоа надгледувачите на народот и неговите бележници и му јавија на народот: „Фараонот порачува вака: ‘Нема повеќе да ви набавувам плева.

11. Вие самите треба да одите и да ја барате, каде што ќе можете да ја најдете. Но затоа нема да ја намалам вашата работа.’”

12. Затоа народот се разотиде по целата египетска земја да собира слама место плева.

13. А надгледувачите ги гонеа: „Секој ден треба да ја свршите истата работа како и тогаш додека ја добивавте плевата.”

14. А бележниците, кои фараоновите надгледувачи ги поставија над Израелците, ги тепаа и прекоруваа: „Зошто ни вчера ниту денес не направивте плитари колку и порано?”

15. Тогаш бележниците на Израелците отидоа и му се пожалија на фараонот: „Зошто постапуваш вака со своите слуги?

16. Твоите слуги веќе не добиваат плева, а сепак од нас се бара: ‘Направете плитари!’ А и ги бијат твоите слуги, а виновен е твојот народ!”

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 5