Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 34:2-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. Биди готов до утре. Тогаш, наутро, искачи се на гората Синај, и таму, на врвот на гората, ќе стапиш пред Мене.

3. Никој друг нека не се качува со тебе; никој нека не се покаже никаде на гората. Ни овците, ниту говедата нека не пасат во подножјето на гората.”

4. Мојсеј изделка две камени плочи како и поранешните; рано наутро стана и се искачи на Синајската Гора, откако ги зеде во рацете двете камени плочи, како што му нареди Господ.

5. Господ слезе во облак, а тој застана пред Него и Го повика Името: „Јахве-Господ!”

6. Господ помина пред него па се јави: „Јахве! Господ! Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински,

7. искажува милост на илјадници, проштава опакост, грев и престап, но не остава неказнет виновник, туку ја казнува опакоста на татковците врз децата - и на внучињата до третото и четвртото поколение.”

8. Мојсеј веднаш падна на земја и се поклони.

9. Тогаш рече: „Господи мој! Ако придобив благонаклоност во Твоите очи, тогаш, о Господи, дојди со нас! Иако е народот со корав врат, прости ни ги нашите гревови и нашите опакости и прими нè за Свое наследство!”

10. „Добро - одговори - склучувам Завет. Пред сите твои луѓе ќе направам чудеса какви не се збиднуваат ниту во една земја, ниту во еден народ. Целиот народ, кој те опкружува, ќе види што може Господ, зашто она што ќе направам со тебе, ќе биде страшно.”

11. ”И така, извршувај што ти наложувам денес! Ете, ќе ги протерам пред тебе Аморејците, Ханаанците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците.

12. Внимавај да не склучиш завет со жителите на земјата во која одиш; за да не бидат стапица во твојата средина.

13. Туку, разурнете ги нивните жртвеници, соборете ги нивните столбови, исечете им ги ашерите!

14. Зашто не смееш да се клањаш на друг бог. Па Господ - името Му е Ревнител - Бог е ревнив.

15. Не прави завет со жителите на онаа земја, за да не те повикаат тие, кога ќе блудствуваат со своите богови и кога ќе им принесуваат жртви, а ти се согласиш да јадеш од принесената жртва;

16. за да не ги земаш нивните девици за жени на своите синови, па тие да не ги поведат по себе и твоите синови, кога ќе блудствуваат со своите богови.”

17. „Не прави си леани богови!”

18. „Пази го празникот Бесквасни лебови - јадејќи пресен леб седум денови, како што ти наредив - во одреденото време во месецот Авив, зашто во месецот Авив излезе од Египет.

19. Секое првороденче на мајчиното крило Ми припаѓа Мене: секое машко, секое првородено на твојот ситен и крупен добиток.

20. Првороденото на ослицата откупи го со едно грло од ситниот добиток. Ако не го откупиш, треба да му го свиткаш вратот. А сите првороденци на своите синови откупувај ги. Никој да не стапува пред Мене со празни раце.”

21. „Шест дена работи, а на седмиот откажи се од работите, сеедно ако е и во доба на орање или во време на жетва.

22. Празнувај го празникот Седмици - на првите плодови на пченичната жетва - и празникот Берба на крајот на годината.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 34