Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 34:14-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Зашто не смееш да се клањаш на друг бог. Па Господ - името Му е Ревнител - Бог е ревнив.

15. Не прави завет со жителите на онаа земја, за да не те повикаат тие, кога ќе блудствуваат со своите богови и кога ќе им принесуваат жртви, а ти се согласиш да јадеш од принесената жртва;

16. за да не ги земаш нивните девици за жени на своите синови, па тие да не ги поведат по себе и твоите синови, кога ќе блудствуваат со своите богови.”

17. „Не прави си леани богови!”

18. „Пази го празникот Бесквасни лебови - јадејќи пресен леб седум денови, како што ти наредив - во одреденото време во месецот Авив, зашто во месецот Авив излезе од Египет.

19. Секое првороденче на мајчиното крило Ми припаѓа Мене: секое машко, секое првородено на твојот ситен и крупен добиток.

20. Првороденото на ослицата откупи го со едно грло од ситниот добиток. Ако не го откупиш, треба да му го свиткаш вратот. А сите првороденци на своите синови откупувај ги. Никој да не стапува пред Мене со празни раце.”

21. „Шест дена работи, а на седмиот откажи се од работите, сеедно ако е и во доба на орање или во време на жетва.

22. Празнувај го празникот Седмици - на првите плодови на пченичната жетва - и празникот Берба на крајот на годината.

23. Трипати годишно сите машки нека се појават пред Господа Јахве, Израелевиот Бог.

24. Зашто ќе ги протерам народите пред тебе и ќе ги проширам твоите меѓи, па никој не ќе ја посака твојата земја кога трипати годишно ќе излегуваш да се покажеш пред Господа, твојот Бог.”

25. „Од жртвата што ми ја имаш наменето не принесувај крв со ништо потквасено; ниту ја оставај жртвата принесена на Пасха да преноќева до утре.

26. Во домот на Господа, својот Бог, донесувај ги најдобрите плодови на својата земја. Не вари го јарето во млекото на неговата мајка.”

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 34