Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 33:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ му рече на Мојсеја: „Оди! Патувај оттука, ти и народот што го изведе од Египетската Земја, во земјата за која им се заколнав на Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја дадам на нивните потомци.

2. Ќе испратам ангел пред тебе; ќе ги истерам Ханаанците, Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците.

3. Отидете во земјата во која течат млеко и мед. Јас нема да тргнам со вас - зашто сте народ со корав врат - за да не ве истребам патем.”

4. Кога народот ги чу овие остри зборови, почна да тагува. И никој веќе не го стави својот накит врз себе.

5. Зашто Господ му рече на Мојсеја: „Кажи им на Израелците: ‘Вие сте народ со корав врат. Кога Јас би идел со вас само еден час, би ве уништил. Затоа симнете го својот накит, а Јас ќе видам што ќе сторам со вас.’”

6. Така од планината Хорив Израелците беа без накит.

7. Мојсеј го зеде Шаторот и го оптегна надвор од логорот, далеку од логорот. И го нарече Шатор на средбата. Секој кој сакаше да Му се обрати на Господа, излегуваше при Шаторот на средбата, што се наоѓаше надвор од логорот.

8. Кога и да тргнеше Мојсеј кон Шаторот, целиот народ стануваше; секој стоеше при влезот во својот шатор и гледаше по Мојсеја додека влезеше во Шаторот.

9. А кога Мојсеј ќе влезеше во Шаторот, облачниот столб се спушташе и остануваше на влезот на Шаторот, додека Господ разговараше со Мојсеја.

10. Гледајќи го облачниот столб како стои до влезот на Шаторот, целиот народ стануваше и секој се поклонуваше длабоко при вратата на својот шатор.

11. Така Господ разговараше со Мојсеја лице во лице, како што човек разговара со пријателот. Потоа Мојсеј се враќаше во логорот, ама неговиот помошник Исус, синот Навинов, младец, не се помрднуваше од Шаторот.

12. Мојсеј се обрна кон Господа: „Гледај, Ти ми рече: ‘Поведи го овој народ,’ ама не ми јави кого ќе испратиш со мене. Уште ми рече: ‘Те знам по име и ти ја уживаш мојата благонаклонетост.’

13. Затоа, ако ја уживам Твојата благонаклонетост, покажи ми ги Своите патишта, за да Те сфатам и за да ја уживам и натаму Твојата благонаклоност. Исто така, помисли дека овие луѓе се Твој народ.”

14. „Јас лично ќе тргнам со тебе - одговори Господ - и ќе ти обезбедам одмор.”

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 33