Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 33:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ му рече на Мојсеја: „Оди! Патувај оттука, ти и народот што го изведе од Египетската Земја, во земјата за која им се заколнав на Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја дадам на нивните потомци.

2. Ќе испратам ангел пред тебе; ќе ги истерам Ханаанците, Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците.

3. Отидете во земјата во која течат млеко и мед. Јас нема да тргнам со вас - зашто сте народ со корав врат - за да не ве истребам патем.”

4. Кога народот ги чу овие остри зборови, почна да тагува. И никој веќе не го стави својот накит врз себе.

5. Зашто Господ му рече на Мојсеја: „Кажи им на Израелците: ‘Вие сте народ со корав врат. Кога Јас би идел со вас само еден час, би ве уништил. Затоа симнете го својот накит, а Јас ќе видам што ќе сторам со вас.’”

6. Така од планината Хорив Израелците беа без накит.

7. Мојсеј го зеде Шаторот и го оптегна надвор од логорот, далеку од логорот. И го нарече Шатор на средбата. Секој кој сакаше да Му се обрати на Господа, излегуваше при Шаторот на средбата, што се наоѓаше надвор од логорот.

8. Кога и да тргнеше Мојсеј кон Шаторот, целиот народ стануваше; секој стоеше при влезот во својот шатор и гледаше по Мојсеја додека влезеше во Шаторот.

9. А кога Мојсеј ќе влезеше во Шаторот, облачниот столб се спушташе и остануваше на влезот на Шаторот, додека Господ разговараше со Мојсеја.

10. Гледајќи го облачниот столб како стои до влезот на Шаторот, целиот народ стануваше и секој се поклонуваше длабоко при вратата на својот шатор.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 33