Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 32:22-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. „Нека не се распалува со гнев мојот господар - одговори Арон. Самиот знаеш добро дека овој народ е наклонет кон злото.

23. Ми рекоа: ‘Направи ни бог, па нека оди пред нас! Не знаеме што се случи со тој човек Мојсеј, кој нè избави од Египетската Земја.’

24. Тогаш јас им реков: ‘Кој има злато, нека го симне!’ Така ми го дадоа, а јас го фрлив во оган, па излезе ова теле.”

25. Кога Мојсеј виде дека народот стана разуздан - па Арон ги пушти да паднат во идолопоклонство меѓу своите непријатели -

26. застана при вратата на логорот и извика: „Кој е за Господа, при мене!” Сите Левиеви синови се собраа околу него.

27. Тој им рече: „Господ, Бог на Израел, зборува вака: ‘Нека секој го припаше мечот до бедрото и нека тргне низ логорот од врата до врата, па некој нека го убие брата си, некој својот пријател, некој својот сосед.’”

28. Левиевите синови го извршија Мојсеевиот налог, и во тој ден паднаа околу три илјади луѓе од народот.

29. „Денес му се посветивте на служба на Господа - рече Мојсеј - некој по цена на својот син, некој по цена на својот брат, така што денес ви дава благослов.”

30. Утреден Мојсеј му рече на народот: „Тежок грев сторивте. Сепак ќе се искачам при Господа. Можеби ќе добијам прошка за вашиот грев.”

31. Мојсеј се врати при Господа па рече: „Леле! Оној народ стори тежок грев, правејќи си бог од злато.

32. Сепак прости им го гревот. Ако не сакаш, тогаш избриши ме и мене од Својата книга, која ја напиша.”

33. Тогаш Господ му одговори на Мојсеја: „Оној кој згрешил против Мене, ќе го избришам од Мојата книга.

34. Туку, сега оди! Поведи го народот каде што ти реков. Мојот ангел ќе врви пред тебе. Но во денот кога ќе ги посетам, ќе ги казнам заради нивниот грев.”

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 32