Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 32:11-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Мојсеј пак Му се помоли на Господа, својот Бог, и велеше: „О Господи! Зошто да пламнеш со гнев на Својот народ, што го избави од Египетската Земја со голема сила и со цврста рака!

12. Зошто треба да речат Египетците: ‘Со зла намера ги одведе, за да ги погуби во планините и да ги избрише од лицето на земјата!’ Смири ги Својот гнев и лутината; откажи се од злото за Својот народ!

13. Спомни си за Авраама, Исака и Израела, за своите слуги, на кои им се заколна Сам во Себе си и им вети: ‘Ќе го размножам вашето потомство како ѕвездите на небото и сета оваа земја што ја ветив ќе му ја дадам на вашето потомство, и таа ќе биде нивно наследство засекогаш.’”

14. И Господ се одрече да навали на Својот народ несреќа, со која му се закани.

15. Мојсеј се заврте и слезе од гората. Во рацете му беа двете плочи на Сведоштвото, плочи напишани на двете свои рамнини; напишани и од едната и од другата страна;

16. Плочите беа Божјо дело; писмото беше Божјо писмо врежано на плочите.

17. А Исус ја чу викотницата на народот што викаше, па му рече на Мојсеја: „Бојна викотница во логорот!”

18. Мојсеј му одговори: „Ниту викаат победници, Ниту тажат победените: Но јас слушам само песна.”

19. Штом се приближи до логорот па го забележа телето и како играат, Мојсеј се разгневи. Ги фрли од рацете плочите и ги скрши во подножјето на планината.

20. Го грабна телето, што го беа направиле, го изгоре во оган и иситни во прав. Тогаш го расфрла правот по водата и ги натера Израелците да ја пијат.

21. „Што ти направи овој народ - му рече Мојсеј на Арона - па им навлече толку голем грев?”

22. „Нека не се распалува со гнев мојот господар - одговори Арон. Самиот знаеш добро дека овој народ е наклонет кон злото.

23. Ми рекоа: ‘Направи ни бог, па нека оди пред нас! Не знаеме што се случи со тој човек Мојсеј, кој нè избави од Египетската Земја.’

24. Тогаш јас им реков: ‘Кој има злато, нека го симне!’ Така ми го дадоа, а јас го фрлив во оган, па излезе ова теле.”

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 32