Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 32:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А народот, гледајќи дека Мојсеј не слегува долго од гората, се собра околу Арона и му рече: „Стани! Направи ни бог, па нека оди тој пред нас! Не знаеме што се случи со тој човек Мојсеј, кој нè изведе од Египетската Земја.”

2. „Извадете ги златните обетки што висат на ушите на вашите жени, вашите синови и вашите ќерки - им одговори Арон - па донесете ми ги мене.”

3. Сиот народ ги симна златните обетки, што ги имаше на ушите и му ги донесоа на Арона.

4. Откако го прими златото од нивните раце, го растопи во калапи и направи леано теле. А тие извикаа: „Ова е твојот бог Израеле, кој те изведе од Египетската Земја.”

5. Откако го виде тоа, Арон изгради жртвеник пред него, а потоа најави: „Утре нека биде приредена свеченост во чест на Господа!”

6. Рано наутро станаа и принесоа жртви паленици и донесоа помирителни жртви. Тогаш народот седна да јаде и да пие. Потоа станаа за да играат.

7. „Побрзај долу! - му проговори Господ на Мојсеја. - Твојот народ, што го изведе од Египетската Земја, тргна наопаку.

8. Бргу се отстранија од патот што им го одредив. Си направија теле од излеан метал; паднаа ничкум пред него и му принесоа жртви, викајќи: ‘Ова е твојот бог, Израеле, кој те изведе од Египетската Земја!’

9. Гледам добро - му рече натаму Господ на Мојсеја - дека овој народ е со корав врат.

10. Сега пушти да се распали Мојот гнев на нив за да ги истребам. Тогаш од тебе ќе развијам голем народ.”

11. Мојсеј пак Му се помоли на Господа, својот Бог, и велеше: „О Господи! Зошто да пламнеш со гнев на Својот народ, што го избави од Египетската Земја со голема сила и со цврста рака!

12. Зошто треба да речат Египетците: ‘Со зла намера ги одведе, за да ги погуби во планините и да ги избрише од лицето на земјата!’ Смири ги Својот гнев и лутината; откажи се од злото за Својот народ!

13. Спомни си за Авраама, Исака и Израела, за своите слуги, на кои им се заколна Сам во Себе си и им вети: ‘Ќе го размножам вашето потомство како ѕвездите на небото и сета оваа земја што ја ветив ќе му ја дадам на вашето потомство, и таа ќе биде нивно наследство засекогаш.’”

14. И Господ се одрече да навали на Својот народ несреќа, со која му се закани.

15. Мојсеј се заврте и слезе од гората. Во рацете му беа двете плочи на Сведоштвото, плочи напишани на двете свои рамнини; напишани и од едната и од другата страна;

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 32