Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 30:6-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Постави го жртвеникот пред завесата што го засолнува Ковчегот на Сведоштвото - спроти Очистилиштето (Капак) над Сведоштвото - каде што Јас ќе се среќавам со тебе.

7. Арон нека кади врз него со благомирислив темјан секое утро кога ги подготвува светилките:

8. Арон нека кади пак во примрак, кога ги запалува светилките, за да биде тоа секогашно кадилно принесување пред Господа во сите ваши поколенија.

9. Не принесувај врз него ни непосветен темјан, ни паленици, ни приносници, ниту излевници!

10. Еднаш годишно Арон нека го изврши обредот на помирување на неговите рожиња. Обредот за помирување на жртвеникот нека го изврши со крвта на жртвата што се принесува за грев, еднаш годишно. Така правете во сите поколенија. Зашто жртвеникот е пресвета светина на Господа.”

11. Натаму Господ му рече на Мојсеја:

12. „Кога ќе правиш попис на Израелците, при утврдувањето на нивниот вкупен број, нека секој Му даде на Господа откуп за себе, кога ќе се запише, за да не ги снајде некакво зло заради пребројувањето.

13. Секој што потпаѓа под пребројувањето, нека даде: половина сикал - според храмскиот сикал, што има дваесет гери во сикал. Таа половина сикал нека биде како принос на Господа.

14. Секој што потпаѓа под пребројувањето, од дваесет години возраст па нагоре, нека Му даде принос на Господа.

15. Богатиот нека не плаќа повеќе ниту сиромавиот помалку од половина сикал, кога ќе Му даваат принос на Господа како откуп за себе.

16. Земај откупни сребреници од Израелците и употребувај ги за служба во Шаторот на средбата. Тоа нека Му биде за спомен на Господа, за да си спомнува за Израелците и за откуп на вашите души.”

17. Господ му рече на Мојсеја:

18. „Направи мијалник од бронза и подножје од бронза за миење. Постави го меѓу Шаторот на средбата и жртвеникот. Тури вода во него,

19. па Арон и неговите синови нека ги мијат своите раце и нозе со водата од него.

20. Кога треба да влегуваат во Шаторот на средбата, или кога треба да се приближуваат до жртвеникот за служба, за да изгоруваат жртви паленици во чест на Господа, нека се измијат со вода, за да не загинат.

21. Нека ги измијат своите раце и своите нозе, за да ја избегнат смртта: тоа е траен правилник за него и за неговите потомци во сите поколенија.”

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 30