Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 30:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Направи и жртвеник за палење на темјан; направи го од багремово дрво.

2. Нека биде долг лакот, широк лакот, четвртест, и висок два лакта. Рожињата нека му бидат од едно парче со него.

3. Да ги опковеш со чисто злато: неговата горна рамнина, неговите страни наоколу и неговите рожиња. Направи му завршен појас наоколу.

4. Направи му и две златни колца. Прицврсти му ги на двете спротивни страни под завршниот појас. Низ нив ќе се провнуваат ластегарките за носење.

5. Ластегарките направи ги од багремово дрво и опкови ги со злато.

6. Постави го жртвеникот пред завесата што го засолнува Ковчегот на Сведоштвото - спроти Очистилиштето (Капак) над Сведоштвото - каде што Јас ќе се среќавам со тебе.

7. Арон нека кади врз него со благомирислив темјан секое утро кога ги подготвува светилките:

8. Арон нека кади пак во примрак, кога ги запалува светилките, за да биде тоа секогашно кадилно принесување пред Господа во сите ваши поколенија.

9. Не принесувај врз него ни непосветен темјан, ни паленици, ни приносници, ниту излевници!

10. Еднаш годишно Арон нека го изврши обредот на помирување на неговите рожиња. Обредот за помирување на жртвеникот нека го изврши со крвта на жртвата што се принесува за грев, еднаш годишно. Така правете во сите поколенија. Зашто жртвеникот е пресвета светина на Господа.”

11. Натаму Господ му рече на Мојсеја:

12. „Кога ќе правиш попис на Израелците, при утврдувањето на нивниот вкупен број, нека секој Му даде на Господа откуп за себе, кога ќе се запише, за да не ги снајде некакво зло заради пребројувањето.

13. Секој што потпаѓа под пребројувањето, нека даде: половина сикал - според храмскиот сикал, што има дваесет гери во сикал. Таа половина сикал нека биде како принос на Господа.

14. Секој што потпаѓа под пребројувањето, од дваесет години возраст па нагоре, нека Му даде принос на Господа.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 30