Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 29:27-41 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

27. Посвети ги градите што беа принесени како вртена жртва и плешките што беа принесени како поткрената жртва од овенот принесен за посветување на Арона и на неговите синови.

28. Тоа нека им биде награда на Арона и на неговите синови од Израелците за сите времиња. Па тоа е наемот што Израелците ќе го даваат од своите помирителни жртви - наем што Му припаѓа на Господа.

29. Ароновите посветени облеки нека им припаднат на неговите синови по него, за да бидат во нив помазани и посветени.

30. Синот кој ќе стане свештеник место него, кога ќе влезе во Шаторот на средбата за да врши служба во Светилиштето, нека ги носи седум денови.”

31. „Потоа земи го овенот за посветување и свари го неговото месо на посветено место.

32. Арон и неговите синови нека го јадат месото од тој овен и леб од кошницата на влезот во Шаторот на средбата.

33. Нека јадат од она што служи за нивно покривање на гревот, за да бидат посветени и свети. Ниту еден туѓинец нека не јаде од тоа, зашто е посветено.

34. Ако остане нешто од месото за свештеничко посветување или нешто од оној леб до наутро, изгори го на оган. Не смее да се изеде, зашто е посветено.”

35. „Направи им токму така на Арона и на неговите синови, како што ти наредив. Посветувај ги седум денови.

36. Секој ден принесувај по еден јунец како жртва покајница - за помирување. И принеси жртва покајница за помирување на олтарот, потоа помажи го, за да биде посветен.

37. Седум денови принесувај жртва помирница за жртвеникот и посветувај го. Така жртвеникот ќе стане пресвет, и сè што ќе се допре до жртвеникот ќе биде посветено.”

38. „А ова треба да го принесуваш на жртвеникот: две јагниња, годиначиња, секој ден без прекин.

39. Жртвувај едно јагне наутро, а другото жртвувај го навечер.

40. Принеси со првото јагне десетина од ефа бело брашно замесено со четвртина ин првоточно истолчено масло, и жртва изливница од четвртина ин вино.

41. Другото јагне принеси го во примрак. Со него принеси жртва приносница со неговата жртва излевница како и наутро - за пријатен мирис, жртва палена во чест на Господа.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 29