Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 28:24-43 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

24. Потоа врзи две златни врвци за тие две колца, што ќе бидат прицврстени за аглите на врзградникот.

25. Другите два краја на врвците врзи ги за двете рамки. Сега прицврсти ги така за прерамките на наплеќникот однапред.

26. Направи две колца од злато, па прицврсти ги за двата долни агла на врзградникот, покрај работ одвнатре, што е свртен кон наплеќникот.

27. Направи уште две колца од злато и прицврсти ги за долниот преден крај на прерамките на наплеќникот, покрај неговиот раб врз ткаенината на наплеќникот.

28. Нека се врзе врзградникот со своите колца со колцата на наплеќникот со сина трака, така што врзградникот да стои над ткаенината и да не може да се одделува од наплеќникот.

29. Така Арон, кога и да влегува во Светилиштето, нека ги носи на своето срце, имињата на Израелевите синови на врзградникот за пресудување, за да ги повикува секогаш во спомен пред Господа.

30. Нека бидат ставени во врзградникот за судење „Урим” и „Тумим”, за да бидат и тие на Ароновото срце, кога ќе доаѓа пред Господа. Така Арон нека ја носи секогаш, на своето срце пред Господа, пресудата на Израелевите синови.”

31. „Наметката за наплеќникот направи ја сета од љубичесто предено.

32. Отворот за главата на неа нека биде во средина. Работ околу отворот нека биде опточен како околувратникот на оклопот, така, за да не се скине наметката.

33. На нејзиниот раб сè наоколу направи чипки од љубичесто, црвено и темноцрвено предено, а меѓу нив ѕвончиња од злато наоколу;

34. златно ѕвонче па калинкин цвет, златно ѕвонче па калинкин цвет, околу наметката покрај работ.

35. Нека ги носи Арон додека ја врши службата, за да се слуша кога ќе влегува во Светилиштето пред Господа и кога излегува; така нема да умре.”

36. „Потоа направи една плоча од чисто злато и врежи врз неа, како што се врежува врз печатниот прстен: „Господова Светост.”

37. Врзи ја на капата со сина врвца, за да стои однапред на капата.

38. Нека стои на Ароновото чело. Така Арон нека ги преземе врз себе недостатоците, што би могле да ги извалкаат сите свети приноси што Израелците ги посветуваат. Нека стои секогаш на неговото чело, за да придобива за нив Господова благонаклонетост.

39. Кошулата со реси направи ја од лен, од лен направи ја и капата, а појасот извези го со вез.

40. И за Ароновите синови направи облеки, појаси и капи, ним за чест и слава!

41. Облечи ги во нив твојот брат Арон и неговите синови; тогаш помажи ги, посвети ги и освети ги, за да Ми служат како свештеници.

42. Направи за нив гаќи од лен, за да им го покријат голото тело. Нека стигаат од крстот до дното на бедрата.

43. Арон и неговите синови нека ги носат кога влегуваат во Шаторот на средбата или кога се приближуваат до жртвеникот за службата во Светилиштето, за да не навлечат врз себе вина и да умрат. Тоа нека биде вечна наредба за него и за неговото потомство по него.”

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 28