Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 28:15-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. „Изработи го уметнички врзградникот за судење: направи го тоа како и работата на наплеќникот: од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен.

16. Нека биде четвртест и двоен: должината нека му е една педа, а и широчината педа.

17. На него нареди четири редови бесценети камења. Во првиот ред нека бидат: сард, топаз и смарагд;

18. во вториот ред: антракс, сафир и адамант;

19. во третиот ред: лигириј, агат и аметист;

20. а во четвртиот ред: хрисолит, оникс и јаспис. Нека бидат вковани во златни рамки.

21. Нека бидат дванаесет тие бесценети камења колку и имињата на Израелевите синови. Нека бидат врежани како и печатите врз прстењата, секој со името на едно од дванаесетте племиња.

22. Направи за врзградникот веришки од чисто злато, засукани како врвци.

23. Потоа направи за врзградникот две колца од злато и прицврсти ги за двата горни агла на врзградникот.

24. Потоа врзи две златни врвци за тие две колца, што ќе бидат прицврстени за аглите на врзградникот.

25. Другите два краја на врвците врзи ги за двете рамки. Сега прицврсти ги така за прерамките на наплеќникот однапред.

26. Направи две колца од злато, па прицврсти ги за двата долни агла на врзградникот, покрај работ одвнатре, што е свртен кон наплеќникот.

27. Направи уште две колца од злато и прицврсти ги за долниот преден крај на прерамките на наплеќникот, покрај неговиот раб врз ткаенината на наплеќникот.

28. Нека се врзе врзградникот со своите колца со колцата на наплеќникот со сина трака, така што врзградникот да стои над ткаенината и да не може да се одделува од наплеќникот.

29. Така Арон, кога и да влегува во Светилиштето, нека ги носи на своето срце, имињата на Израелевите синови на врзградникот за пресудување, за да ги повикува секогаш во спомен пред Господа.

30. Нека бидат ставени во врзградникот за судење „Урим” и „Тумим”, за да бидат и тие на Ароновото срце, кога ќе доаѓа пред Господа. Така Арон нека ја носи секогаш, на своето срце пред Господа, пресудата на Израелевите синови.”

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 28