Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 18:10-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. „Нека е благословен Господ, Кој ве избави од египетските раце и од фараоновите раце - рече Јотор.

11. Сега знам дека Господ е изнад сите богови, зошто го избави народот од под египетската власт, кога постапуваа жестоко со него.”

12. Потоа Јотор, Мојсеевиот дедо, Му принесе жртва паленица и принос на Бога. Тогаш дојдоа Арон и сите израелски старешини да јадат леб на гозба пред Господа.

13. Утреден Мојсеј седна да му дели правда на народот. Народот стоеше околу него од утрото до мракот.

14. Откако го виде Мојсеевиот дедо целиот труд што тој го правеше за народот, му рече: „Што правиш тоа со народот? И зошто седиш сам, а целиот народ стои околу тебе од утро до мрак?”

15. „Народот доаѓа при мене - му одговори Мојсеј - за да се посоветува со Бога.

16. Кога имаат препирка меѓу себе, доаѓаат кај мене. Јас тогаш пресудувам меѓу едниот и другиот; им ги изложувам Божјите закони и одредби.”

17. „Не е добро како што работиш - му одговори дедото на Мојсеја.

18. И ти и тој народ со тебе ќе се исцрпите целосно. Таа работа е претешка за тебе; сам не можеш да ја вршиш.

19. Послушај ме. Ќе те советувам, и Бог ќе биде со тебе! Ти застапувај го народот пред Бога; изнесувај ги нивните спорови пред Бога.

20. Поучувај ги за законите и одредбите; покажувај им го патот по кој треба да одат, упатувај ги во дела што треба да ги вршат.

21. Тогаш, избери од целиот народ способни луѓе, кои се бојат од Бога, и праведни, кои го мразат поткупот, па постави ги за главатари на народот: илјадници, стотници, педесетници и десетници.

22. Нека му судат на народот во секое време. Сите поголеми случаи нека ги изнесуваат пред тебе, а за помалите нека пресудуваат сами. Олесни си го бремето: нека го носат тие со тебе.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 18