Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 16:5-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. А на шестиот ден, кога ќе го сместат собраното, ќе има двапати онолку, колку собираа за секој ден.”

6. Тогаш Мојсеј и Арон им проговорија на сите Израелци: „Вечерва ќе познаете дека Господ ве изведе од Египетската Земја,

7. а наутро ќе ја видите, со свои очи, Господовата слава, зашто Господ ве чу како мрморевте против Него. Што сме ние да мрморите против нас?

8. Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете - продолжи Мојсеј - а наутро леб до наситка, зашто Господ го чу вашето мрморење против Него. Што сме ние? Вие не мрморите против нас, туку против Господа.”

9. Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Речи и на целата израелска заедница: соберете се пред Господа, зашто го чу вашето мрморење!”

10. И додека Арон и зборуваше на целата израелска заедница, тие се свртија кон пустината, и ете, Господовата слава се појави во облак.

11. Тогаш Господ му се јави на Мојсеја и му рече:

12. „Го чув мрморењето на Израелците. Речи им вака: ‘Вечерва ќе јадете месо, а наутро ќе се наситите со леб. Тогаш ќе познаете дека Јас Сум Господ, ваш Бог.’”

13. И навистина! Навечер се појавија потполошки и го покрија логорот, а наутро изобилна роса наросила сè околу логорот.

14. Кога се крена навлаката од росата, по површината на пустината лежеше тенок слој, нешто како снегулки, како да се фатила слана по земјата.

15. Кога Израелците го видоа тоа, се прашуваа еден друг: „Што е тоа?” Зашто не знаеја што е. Тогаш Мојсеј им рече: „Тоа е леб, што Господ ни го набави за храна.

16. А ова е заповедта што Господ ја издаде: ‘Соберете колку што му е потребно секому за јадење - по еден гомор на личност, секој според бројот на членовите што му се во шаторот.’”

17. Израелците направија така. Некои собраа повеќе, некои помалку.

18. Кога измерија со гомор, се покажа дека немаше излишок оној кој собрал многу, а ниту недостиг оној кој собрал малку: секој собрал колку што му требаше за јадење.

19. „Нека никој не остава ништо за утрото!” им рече Мојсеј.

20. Но тие не го послушаа Мојсеја; некои оставија и за утре. А тоа им црвоса и засмрде. Мојсеј се налути на нив.

21. Така собираа секое утро колку што му требаше секому за јадење. И кога сонцето ќе огрееше, маната се растопуваше.

22. Тогаш на шесттиот ден собраа двојно количество храна по два гомора на секој. Кога старешините на заедницата дојдоа да го известат Мојсеја,

23. тој им рече: „Ова е Господова заповед: утре е ден на целосна почивка, сабота посветена на Господа. Испечете што сакате да печете; сварете што сакате да варите. Сè што ќе ви биде одвишок оставете го за утре.”

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 16