Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 16:10-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. И додека Арон и зборуваше на целата израелска заедница, тие се свртија кон пустината, и ете, Господовата слава се појави во облак.

11. Тогаш Господ му се јави на Мојсеја и му рече:

12. „Го чув мрморењето на Израелците. Речи им вака: ‘Вечерва ќе јадете месо, а наутро ќе се наситите со леб. Тогаш ќе познаете дека Јас Сум Господ, ваш Бог.’”

13. И навистина! Навечер се појавија потполошки и го покрија логорот, а наутро изобилна роса наросила сè околу логорот.

14. Кога се крена навлаката од росата, по површината на пустината лежеше тенок слој, нешто како снегулки, како да се фатила слана по земјата.

15. Кога Израелците го видоа тоа, се прашуваа еден друг: „Што е тоа?” Зашто не знаеја што е. Тогаш Мојсеј им рече: „Тоа е леб, што Господ ни го набави за храна.

16. А ова е заповедта што Господ ја издаде: ‘Соберете колку што му е потребно секому за јадење - по еден гомор на личност, секој според бројот на членовите што му се во шаторот.’”

17. Израелците направија така. Некои собраа повеќе, некои помалку.

18. Кога измерија со гомор, се покажа дека немаше излишок оној кој собрал многу, а ниту недостиг оној кој собрал малку: секој собрал колку што му требаше за јадење.

19. „Нека никој не остава ништо за утрото!” им рече Мојсеј.

20. Но тие не го послушаа Мојсеја; некои оставија и за утре. А тоа им црвоса и засмрде. Мојсеј се налути на нив.

21. Така собираа секое утро колку што му требаше секому за јадење. И кога сонцето ќе огрееше, маната се растопуваше.

22. Тогаш на шесттиот ден собраа двојно количество храна по два гомора на секој. Кога старешините на заедницата дојдоа да го известат Мојсеја,

23. тој им рече: „Ова е Господова заповед: утре е ден на целосна почивка, сабота посветена на Господа. Испечете што сакате да печете; сварете што сакате да варите. Сè што ќе ви биде одвишок оставете го за утре.”

24. Тие го оставија тоа за утре, како што нареди Мојсеј, и ниту засмрде, ниту пак се појавија црви.

25. „Јадете го тоа денес - им рече Мојсеј - зашто овој ден е сабота во чест на Господа; денес не ќе најдете мана во полето.

26. Собирајте ја шест дни, а на седмиот, во сабота, ќе ја нема.”

27. Имаше некои што одеа и во седмиот ден да ја соберат, ама ништо не најдоа.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 16