Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 15:12-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Десницата ја испружи и земјата ги голтна!

13. Со Својата милост го водеше овој народ, откупен од Тебе, со Својата сила го упати кон Твоето свето живеалиште.

14. Штом го чуја тоа, народите се стресоа; маки ги нападнаа Филистејците.

15. Ужас ги скрши едомските главатари, трепет ги опфати моавските кнезови и се тресат сите што живеат во Ханаан.

16. Страв и трепет ги напаѓаа нив, силата на Твојата рака ги скамени додека, Господи, не помина Твојот народ, додека не помина Твојот народ, кого го откупи.

17. Ќе ги доведеш и ќе ги посадиш на Гората на Своето наследство, на местото што Ти, Господи, го направи Свое Живеалиште, Светилиште, о Господи, создадено со Твојата рака.

18. Господ ќе царува секогаш и довека.”

19. Кога фараоновите коњи, неговите коли и коњаници слегоа во морето, Господ ги врати на нив морските води, откако Израелците поминаа среде море по суво.

20. Тогаш Ароновата сестра, пророчицата Маријам, зеде тапанче во раката, а сите жени и се придружија со тапанчиња во рацете и играјќи,

21. Маријам им ја отпеа песната: „Запејте Му на Господа, зашто се прослави со слава! Коњот со коњаникот го фрли во морето.”

22. Мојсеј ги раздвижи Израелците од Црвеното Море, и тргнаа на пат низ пустината Сур. Патуваа низ пустината три дни, а не најдоа вода.

23. Дојдоа до Мера, ама не можеа да пијат вода кај Мера, зашто беше горчлива. Затоа и се вика Мера.

24. Народот мрмореше против Мојсеја и зборуваше: „Што ќе пиеме?”

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 15