Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 8:23-35 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. А гајскиот цар го фатија жив и го доведоа при Исуса.

24. Кога Израелците ги погубија сите жители на Гај на отворено поле, и во пустината, кон каде ги гонеа, и кога сите паднаа од меч, Израелците се вратија во Гај и сосекоа со меч сè што беше во него.

25. Беа дванаесет илјади оние кои изгинаа тој ден, мажи и жени - сиот Гај.

26. Исус не ја спушти раката со која замавна со копјето, сè додека не беа погубени сите жители на Гај.

27. Само добитокот и пленот од оној град Израелците ги поделија меѓу себе, како што Господ му нареди на Исуса.

28. Исус го опожари Гај и го направи урнатина засекогаш, пусто место до денес.

29. Го обеси гајскиот цар на дрво до вечерта. При зајдисонце Исус нареди да го симнат трупот од дрвото, го фрлија пред градската врата и нафрлија врз него голем куп камења, што стои и денес.

30. Тогаш Исус му подигна жртвеник на Господа, на Израелевиот Бог, на гората Евал,

31. како што им заповеда Мојсеј, Господовиот слуга, на сите Израелеви синови, и како што е напишано во Мојсеевата книга на Законот: жртвеник од груби камења, неделкани со железо. На него Му беше принесена на Господа жртва паленица и помирителни приноси.

32. Таму на камењето Исус го препиша Мојсеевиот Закон, што беше напишан за Израелевите синови.

33. И сиот Израел и неговите старешини, народните главатари и судии, придојдениците и домашни, застанаа од двете страни на Ковчегот, спроти свештениците и левитите, кои што го носеа Ковчегот на Господовиот Завет - половината кон гората Гаризин, а половината кон гората Евал - за да биде благословен Израелевиот народ според Законот што го заповеда Мојсеј, Господовиот слуга.

34. Тогаш Исус го прочита секој збор на Законот, благословот и проклетството, сè како што е напишано во книгата на Законот.

35. Исус не испушти ниту една Мојсеева наредба, туку сите ги прочита пред соборот на сите Израелци, пред жените, децата и придојдениците кои одеа со нив.

Прочитајте целосна глава Исус Навин 8