Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 8:12-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Исус зеде околу пет илјади луѓе и постави заседа меѓу Ветил и Гај, од западната страна на градот.

13. А народот се смести во логорот, што беше северно од градот, додека неговата заштитница беше западно од градот. Исус пак ја помина ноќта среде долината.

14. Кога сè тоа го виде гајскиот цар, побрза па излезе тој и сиот негов народ низ надолништето спроти Араба, во бој против Израел. А не претчувствуваа ни дека е наместена заседа зад градот.

15. Тогаш Исус и сиот Израел почнаа да бегаат како да ги победија. И бегаа по патот кон пустината.

16. На тоа Гајците ги повикаа сите од градот и тргнаа во потера по нив, и гонејќи го Исуса се оддалечија од градот.

17. И не остана никој во Гај и Ветил што не тргнал по Израелците. Го оставија градот отворен и ги гонеа Израелците.

18. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Замавни со копјето, што ти е во раката, кон Гај: ти го предавам во рацете.” И Исус го подигна копјето што му беше во раката, и замавна кон градот.

19. И тукушто ја крена раката, луѓето од заседата се кренаа и се растрчаа кон градот, го освоија и веднаш го запалија со оган.

20. Кога оние од Гај се обѕрнаа, имаа што да видат: дим се дигаше од градот кон небото. И никој од нив немаше каде да избега ни таму ни ваму. Тогаш народот што бегаше кон пустината се сврте кон гонителите.

21. Откако Исус и сиот Израел видоа дека заседата го зазеде градот и дека се крева чад од градот, се вратија и удрија на луѓето од Гај.

22. Нивните им излегоа во пресрет од градот, и така оние од Гај се најдоа среде Израелците, опколени и од едната и од другата страна: беа погубени така што ниеден не остана жив, ниту избега.

23. А гајскиот цар го фатија жив и го доведоа при Исуса.

24. Кога Израелците ги погубија сите жители на Гај на отворено поле, и во пустината, кон каде ги гонеа, и кога сите паднаа од меч, Израелците се вратија во Гај и сосекоа со меч сè што беше во него.

25. Беа дванаесет илјади оние кои изгинаа тој ден, мажи и жени - сиот Гај.

Прочитајте целосна глава Исус Навин 8