Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 8:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Не бој се и не се плаши! Земи ги со себе сите воини, стани и нафрли се врз Гај. Ете, ти ги предавам во рацете гајскиот цар, неговиот народ, градот и неговата земја.

2. Направи со Гај и со неговиот цар како што направи со Ерихон и со неговиот цар; ама ви е слободно да го приграбите пленот од него и неговиот добиток. Постави му на градот заседа од зад грб.”

3. Се подготви Исус да нападне на Гај и сите воини со него. Избра триесет илјади јунаци и ги испрати ноќе;

4. им даде заповед: „Внимавајте! Ќе отидете во заседа на градот од зад грб, ама да не бидете предалеку од градот, и бидете сите подготвени.

5. А јас и сиот народ, кој ме придружува, ќе му се доближиме на градот; и кога луѓето од Гај ќе излезат пред нас, ние ќе избегаме, како и порано, пред нив.

6. Тие ќе тргнат по нас додека не ги одведеме од градот, зашто ќе мислат: ‘Бегаат пред нас како и порано.’ И така ние ќе избегаме пред нив.

7. Тогаш излезете од заседата и заземете го градот: Господ, нашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете.

8. Штом ќе го освоите градот, изгорете го со оган. Направете го тоа според Господовата заповед. Внимавајте, тоа ви го заповедав.”

9. Исус ги испрати, и тие отидоа во заседа па се сместија меѓу Ветил и Гај, западно од градот. А Исус ја помина ноќта меѓу народот.

10. Рано наутро Исус го преброи народот и тргна со Израелевите старешини пред народот против Гај.

11. Сите војници тргнаа со него, и кога му се приближија на градот, се влогорија северно од Гај, така што меѓу нив и местото беше рамница.

12. Исус зеде околу пет илјади луѓе и постави заседа меѓу Ветил и Гај, од западната страна на градот.

13. А народот се смести во логорот, што беше северно од градот, додека неговата заштитница беше западно од градот. Исус пак ја помина ноќта среде долината.

14. Кога сè тоа го виде гајскиот цар, побрза па излезе тој и сиот негов народ низ надолништето спроти Араба, во бој против Израел. А не претчувствуваа ни дека е наместена заседа зад градот.

Прочитајте целосна глава Исус Навин 8