Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 6:16-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. За време на седмото обиколување свештениците затрубија силно во роговите, а Исус му рече на народот: „Извикувајте воени викотници, зашто Господ ви го предаде градот!”

17. Градот нека биде „херем” за Господа - проклет и предаден на уништување со сè што е во него. Само блудницата Рава да остане жива и сите кои ќе бидат со неа во куќата, зашто таа ги скри согледувачите што ги испративме.

18. А чувајте се од проколнато во градот за да не станете и самите проклети затоа што сте зеле проклето, зашто со тоа би сте навлекле проклетство врз логорот и би сте го направиле несреќен.

19. Затоа сето сребро и злато, сите бронзени и железни садови нека му бидат посветени на Господа и нека бидат чувани во Господовото сокровиште.”

20. Тогаш народот извика и трубите одекнаа. Кога екнаа гласот на трубите и воените извикувања на народот, ѕидовите паднаа и народот навлезе во градот, секој оттаму каде што се најде, и го освоија.

21. И тогаш ја извршија заклетвата ништејќи со острилото на мечот сè што беше во градот: машко и женско, старо и младо, волови, овци и ослиња.

22. А тогаш Исус им рече на двајцата што ја согледуваа земјата: „Отидете во куќата на онаа блудница па изведете ја жената со сите нејзини, како што и се заколнавте.”

23. И младите луѓе, согледувачите, отидоа та ги извадија Рава, нејзиниот татко, нејзината мајка, браќата и сите роднини. Ги изведоа сите нејзини и ги сместија надвор од израелскиот логор.

24. Го изгореа градот и сè што беше во него: зедоа само сребро, злато, бронзени и железни садови, и ги ставија во ризницата на Господовиот Дом.

25. Ама Исус ги поштеди: блудницата Рава, и сето нејзино семејство и сè нивно. Таа остана меѓу Израелците до денес, зашто ги скри гласниците кои ги испрати Исус за да го извидат Ерихон.

26. Тогаш Исус ја изрече оваа клетва: „Проклет да биде пред Господовото лице човекот, кој ќе се обиде да го изгради наново Ерихон: да ги гради неговите основи врз својот првенец, да ги крева неговите врати врз својот љубимец!”

27. Господ беше со Исуса, па се пронесе глас за него по целата земја.

Прочитајте целосна глава Исус Навин 6