1. Откако сиот народ помина преку Јордан, Господ му рече на Исуса:
2. ”Изберете од народот дванаесет луѓе, од секое племе по еден,
3. и заповедајте им: ‘Дигнете оттука, од средината на Јордан - од местата каде што стојат нозете на свештениците - дванаесет камења, кои ќе ги носите со себеси и ќе ги положите на местото каде што ќе преноќевате ноќеска.’”
4. Тогаш Исус повика дванаесет луѓе, кои ги имаше избрано меѓу Израелевите синови, од секое племе по еден човек,
5. и им рече: „Одете пред Ковчегот на Господа, својот Бог, во средината на Јордан, и нека секој донесе на своите рамена по еден камен според бројот на Израелевите племиња.
6. Тоа ќе биде за спомен меѓу вас. Кога еден ден вашите деца ќе ве прашаат: ‘Што ви значат овие камења?’
7. Ќе им речете: ‘Водата на Јордан се раздели пред Ковчегот на Господовиот Завет, кога поминуваше преку Јордан.’ И овие камења ќе им бидат вечен спомен на Израелевите синови.”