Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 24:22-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. На тоа Исус му рече на народот: „Сами сте сведоци против себе, дека Го избравте Господа за да Му служите.” Му одговорија: „Сведоци сме.”

23. ”И така, мавнете ги сега туѓите богови што се меѓу вас, и приклонете ги своите срца кон Господа, Израелевиот Бог.”

24. Народот му одговори на Исуса: „Ќе Му служиме на Господа, својот Бог, и ќе го слушаме Неговиот глас.”

25. Така во тој ден Исус склучи Сојуз со народот и му ги утврди Одредбата и Законот. Тоа беше во Сихем.

26. Исус ги запиша тие зборови во Книгата на Божјиот закон. Потоа зеде голем камен и го положи таму под дабот, што беше покрај Господовото светилиште.

27. Потоа Исус му рече на сиот народ: „Ете, овој камен нека ви биде сведок, зашто ги чу зборовите што ги зборуваше Господ; тој ќе биде сведок за да не Му затаите на својот Бог.”

28. Тогаш Исус го отпушти народот, секого во неговото наследство.

29. По овие настани почина Исус, Навиновиот син, Господов слуга, на возраст од сто и десет години.

30. Го погребаа во крајот што го наследи во Тамнат-Сарах, во Ефремовата Гора, северно од гората Гаш.

31. Израел му служеше на Господа во текот на целиот век на Исуса и во текот на целиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и кои ги видоа сите дела што ги направи Господ за Израел.

32. Јосифовите коски, што Израелевите синови ги донесоа со себе од Египет, ги закопаа во Сихем, во земјиштето што Јаков го имаше купено од синовите на Емор, Сихемовиот татко, за сто сребреници и што им припаднаа во наследство на Јосифовите синови.

Прочитајте целосна глава Исус Навин 24