Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 24:18-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Уште повеќе: Господ ги изгони пред нас сите народи, и Аморејците, кои живееја во оваа земја. И ние ќе Му служиме на Господа, зашто е Тој наш Бог.”

19. Тогаш Исус му рече на народот: „Вие не можете да Му служите на Господа, зашто Тој е свет Бог, ревнив Бог, Кој не може да ги поднесе вашите престапи ни вашите гревови.

20. Ако Го оставите Господа за да им служите на туѓите богови, ќе се сврти против вас и ќе ве уништи, откако ви правеше добро.”

21. А народот му одговори на Исуса: „Не, ние ќе Му служиме на Господа!”

22. На тоа Исус му рече на народот: „Сами сте сведоци против себе, дека Го избравте Господа за да Му служите.” Му одговорија: „Сведоци сме.”

23. ”И така, мавнете ги сега туѓите богови што се меѓу вас, и приклонете ги своите срца кон Господа, Израелевиот Бог.”

24. Народот му одговори на Исуса: „Ќе Му служиме на Господа, својот Бог, и ќе го слушаме Неговиот глас.”

25. Така во тој ден Исус склучи Сојуз со народот и му ги утврди Одредбата и Законот. Тоа беше во Сихем.

26. Исус ги запиша тие зборови во Книгата на Божјиот закон. Потоа зеде голем камен и го положи таму под дабот, што беше покрај Господовото светилиште.

27. Потоа Исус му рече на сиот народ: „Ете, овој камен нека ви биде сведок, зашто ги чу зборовите што ги зборуваше Господ; тој ќе биде сведок за да не Му затаите на својот Бог.”

28. Тогаш Исус го отпушти народот, секого во неговото наследство.

29. По овие настани почина Исус, Навиновиот син, Господов слуга, на возраст од сто и десет години.

Прочитајте целосна глава Исус Навин 24