Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 24:14-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. И затоа сега бојте се од Господа и служете Му совршено и верно! Одстранете ги боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката и во Египет, и служете Му на Господа!

15. Меѓутоа, ако вам не ви е угодно да Му служите на Господа, тогаш денес изберете кому ќе му служите: можеби на боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја сега престојувате. Јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа.”

16. Народот одговри: „Далеку нека е од нас да го оставиме Господа а да им служиме на други богови.

17. Господ, нашиот Бог, нè изведе нас и нашите татковци од Египет, од домот на робувањето, и Тој направи пред наши очи големи чудеса и нè чуваше по целиот пат по кој одевме и меѓу сите народи низ кои поминувавме.

18. Уште повеќе: Господ ги изгони пред нас сите народи, и Аморејците, кои живееја во оваа земја. И ние ќе Му служиме на Господа, зашто е Тој наш Бог.”

19. Тогаш Исус му рече на народот: „Вие не можете да Му служите на Господа, зашто Тој е свет Бог, ревнив Бог, Кој не може да ги поднесе вашите престапи ни вашите гревови.

20. Ако Го оставите Господа за да им служите на туѓите богови, ќе се сврти против вас и ќе ве уништи, откако ви правеше добро.”

21. А народот му одговори на Исуса: „Не, ние ќе Му служиме на Господа!”

22. На тоа Исус му рече на народот: „Сами сте сведоци против себе, дека Го избравте Господа за да Му служите.” Му одговорија: „Сведоци сме.”

23. ”И така, мавнете ги сега туѓите богови што се меѓу вас, и приклонете ги своите срца кон Господа, Израелевиот Бог.”

24. Народот му одговори на Исуса: „Ќе Му служиме на Господа, својот Бог, и ќе го слушаме Неговиот глас.”

25. Така во тој ден Исус склучи Сојуз со народот и му ги утврди Одредбата и Законот. Тоа беше во Сихем.

26. Исус ги запиша тие зборови во Книгата на Божјиот закон. Потоа зеде голем камен и го положи таму под дабот, што беше покрај Господовото светилиште.

Прочитајте целосна глава Исус Навин 24