Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 22:12-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. На тоа се собра сета заедница на Израелевите синови во Сило за да тргнат во бој против нив.

13. Израелците им ги испратија, на Рувимовите синови, на Гадовите синови и на половината на Манасиевото племе: Финес, синот на свештеникот Елеазар,

14. и со него десет кнезови, по еден родовски главатар од секое Израелево племе, а секој од нив беше главатар на татковиот дом меѓу илјадници Израелеви семејства.

15. И кога тие дојдоа при Рувимовите синови, при Гадовите синови и при половината од Манасиевото племе во галадската земја, им рекоа:

16. ”Еве што вели за вас сета Господова заедница: ‘Што значи престапот што го правите против Господа, Израелевиот Бог? Зашто се одвративте денес од Господа и, подигнувајќи жртвеник, зашто се буните против Господа?

17. Зар не ви е доста злосторот од Фегор, од кого уште не се очистивме до денешен ден и заради кого дојде помор врз Господовата заедница?

18. Ако денес се одвратувате од Господа и ако се буните денес против Него, не ќе ли се излее утре Неговиот гнев на сета Израелева заедница?

19. Или ви е можеби нечиста земјата на вашето наследство? Тогаш преминете во земјата на Господовото наследство, во која е Господовото Престојувалиште, и земете дел меѓу нас. Ама не бунете се против Господа и не бунете се против нас, издигајќи си жртвеник покрај жртвеникот на Господа, нашиот Бог.

20. Не направи ли грев сам, Ахан Зариниот син, за „херемот,” па гневот падна на сета Израелева заедница? Зар не умре заради својата кривица?’”

21. Тогаш одговорија Рувимовите синови, Гадовите синови и половината на Манасиевото племе, велејќи им на Израелевите главатари:

22. ”Бог, Господ Бог, Бог над боговите, Господ знае и Израел нека знае: ако тоа беше побуна или престап против Господа, нека ни ја скрати Својата помош денес;

23. ако го подигнавме жртвеникот за да се одвратиме од Господа и за да принесуваме жртви паленици, лебни приноси и помирителни жртви, тогаш Господ нека ни суди!

24. Тоа го направивме од грижа и страв и рековме: ‘Еден ден вашите синови ќе им речат на нашите: „Што ви е заедничко со Господа, Израелевиот Бог?

25. Зар Господ, Рувимови синови и Гадови синови, не ја стави меѓу вас и нас нашата меѓа Јордан? Вие немате дел во Господа.” И така вашите синови би можеле да направат нашите синови да се одвратат па да не го почитуваат Господа.’

Прочитајте целосна глава Исус Навин 22