Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 22:1-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш Исус ги свика синовите Рувимови и Гадови и половината од Манасиевото племе,

2. и им рече: „Извршивте сè што Мојсеј, Господовиот слуга, ви заповеда, и ме послушавте во сè што ви наредив.

3. Не ги оставивте своите браќа и покрај долгото војување до денешниот ден, и ги вршевте верно заповедите на Господа, својот Бог.

4. Сега Господ, вашиот Бог, им даде мир на вашите браќа, како што им беше ветил. Вратете се сега во своите шатори, во земјата што ви ја даде Мојсеј, Господовиот слуга: во наследство од онаа страна на Јордан.

5. Само внимавајте да ги исполнувате заповедите и Законот што ви го даде Мојсеј, Господовиот слуга: да Го љубите Господа, својот Бог, да одите секогаш по неговите патишта, да ги чувате Неговите заповеди, да се држите покрај Него и да Му служите со сето срце и со сета душа.”

6. И Исус ги благослови и ги отпушти, а потоа тие се вратија во своите шатори.

7. Мојсеј и беше дал на едната половина од Манасиевото племе наследство во Васан; а на другата половина Исус и го даде среде нивните браќа западно од Јордан. Отпуштајќи ги во нивните шатори, Исус ги благослови:

8. и им рече: „Вратете се во своите шатори со големо богатство и со многу добиток, со сребро, и со злато, со бронза, со железо и со облеки во изобилство, и поделете го пленот од своите непријатели со своите браќа.”

9. Се вратија Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе; си отидоа од Израелевите синови во Сило, во Ханаанската Земја, да тргнат за Галадската Земја, во своето наследство што го зазедоа како што им заповеда Господ преку Мојсеја.

10. Кога стигнаа до јорданското подрачје во Ханаанската Земја, Рувимовите синови, Гадовите синови и половината од Манасиевото племе подигнаа жртвеник при Јордан, голем жртвеник, што се гледаше оддалеку.

11. Израелците чуја како што се зборува: „Еве, Рувимовите синови, Гадовите синови и половината од Манасиевото племе подигнаа жртвеник спроти Ханаанската Земја, при Јордан, на израелската страна.”

12. На тоа се собра сета заедница на Израелевите синови во Сило за да тргнат во бој против нив.

13. Израелците им ги испратија, на Рувимовите синови, на Гадовите синови и на половината на Манасиевото племе: Финес, синот на свештеникот Елеазар,

14. и со него десет кнезови, по еден родовски главатар од секое Израелево племе, а секој од нив беше главатар на татковиот дом меѓу илјадници Израелеви семејства.

15. И кога тие дојдоа при Рувимовите синови, при Гадовите синови и при половината од Манасиевото племе во галадската земја, им рекоа:

16. ”Еве што вели за вас сета Господова заедница: ‘Што значи престапот што го правите против Господа, Израелевиот Бог? Зашто се одвративте денес од Господа и, подигнувајќи жртвеник, зашто се буните против Господа?

17. Зар не ви е доста злосторот од Фегор, од кого уште не се очистивме до денешен ден и заради кого дојде помор врз Господовата заедница?

18. Ако денес се одвратувате од Господа и ако се буните денес против Него, не ќе ли се излее утре Неговиот гнев на сета Израелева заедница?

Прочитајте целосна глава Исус Навин 22