Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 10:18-37 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. А Исус рече: „Навалете големи камења на отворот на пештерата и поставете луѓе пред неа за да ја чуваат.

19. А вие другите не задржувајте се, туку терајте ги своите непријатели и удирајте ги од зад грб; не оставајте ги да влезат во своите градови, зашто Господ, вашиот Бог, ги предаде во ваши раце.”

20. А кога Исус и Израелевите синови ја привршија битката со тежок колеж - им избегаа само неколку преживеани во цврсти градови -

21. народот се врати здрав и цел кон Исуса во логорот во Макид. И никој веќе ни да писне против Израелевите синови.

22. Тогаш Исус рече: „Отворете го влезот на пештерата и извадете ми ги оттаму оние пет цареви.”

23. Така и направија: ги изведоа кај него од пештерата петте цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахискиот цар и еглонскиот цар.

24. А кога ги изведоа, Исус ги повика сите Израелци и им рече на војсководачите, кои го придружуваа: „Приближете се и застанете со своите нозе на вратовите на овие цареви.” Тие се приближија и им застанаа со своите нозе на вратовите.

25. Исус рече: „Не бојте се и не плашете се! Бидете храбри и смели, зашто Господ ќе им направи така на сите ваши непријатели, со кои ќе се борите.”

26. Потоа Исус нареди да ги погубат и да ги обесат на пет дрва, и висеа таму до вечерта.

27. А при зајдисонце Исус заповеда да ги симнат од дрвата и да ги фрлат во онаа иста пештера во која се беа засолнале, та на отворот навалија големи камења, што стојат и денес таму.

28. Во истиот ден Исус го зазеде Макид: удри на градот со острилото на мечот и го погуби неговиот цар, и сè живо во градот му го предаде на клетото уништување, не оставајќи никого да избега. И направи со макидскиот цар како што направи со ерихонскиот цар.

29. Потоа отиде Исус и сиот Израел од Макид во Ливна и удри на неа.

30. Господ и неа и нејзиниот цар ги предаде во рацете на Израел, кој со острилото на мечот истреби сè живо во неа; не поштеди никого, а со царот на Ливна направи како и со ерихонскиот цар.

31. Потоа отиде Исус и сите Израелци од Ливна во Лахис, го опсади и го нападна.

32. Господ го предаде Лахис во рацете на Израелците, кои го освоија утреден: истепаа со острилото на мечот сè живо во него, онака како што сторија со Ливна.

33. Тогаш стана Орам, гезерскиот цар, за да му помогне на Лахис, ама Исус го порази него и неговиот народ, така што никој не преживеа.

34. Потоа Исус тргна со сите Израелци од Лахис против Еглон. Го опсадија градот и го нападнаа.

35. Го освоија уште на истиот ден и погубија сè со острилото на мечот. Сè живо предадоа на проклетото уништување, како што направија со Лахис.

36. Тогаш Исус со сиот Израел тргна од Еглон против Хеврон и го нападна.

37. Го освоија и погубија сè со острилото на мечот: царот и жителите во сите места што му припаѓаа, не штедејќи никого. Направи со него како со Еглон. Градот со сите свои жители му беше врачен на клетото уништување.

Прочитајте целосна глава Исус Навин 10