Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 10:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А кога ерусалимскиот цар Адони-Седек чу дека Исус го зазеде Гај и дека го предаде на проклето уништување, како што направи со Ерихон и со неговиот цар, и дека жителите на Гаваон склучиле мир со Израел и се вклучиле меѓу нив,

2. многу се исплаши, зашто Гаваон беше значаен како некаков царски град, поголем од Гај, а сите негови жители беа храбри борци.

3. Затоа ерусалимскиот цар Адони-Седек им порача на Оам, хевронски цар, на Пирам, јармутски цар, на Јафиј, лахиски цар и на Давир, еглонски цар:

4. ”Дојдете при мене и помогнете ми да удриме на Гаваон, зашто склучил мир со Исуса и со Израелците!”

5. Тогаш се здружија петте аморејски цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахискиот цар и еглонскиот цар; тие тргнаа и сета нивна војска, го опсадија градот Гаваон и почнаа да го напаѓаат.

6. Тогаш Гаваонците му порачаа на Исуса во логорот во Галгал: „Не напуштај ги своите слуги, туку побрзај кон нас, зашто против нас се здружија сите аморејски цареви, кои живеат во Горјето.”

7. И Исус тргна од Галгал, а со него и сите војници, сите храбри јунаци.

8. А Господ му рече на Исуса: „Не бој се! Јас ги предадов во твои раце, и ниеден од нив не ќе устои пред тебе.”

9. И Исус удри на нив одненадеж, откако цела ноќ идеше од Галгал.

10. И Господ ги смути пред Израелците, кои ги поразија тешко кај Гаваон и ги спотераа кон стрмината по која се влегува во Веторон. Ги толчеа сè до Азика и до Макида.

11. А додека бегаа пред Израел по Веторонската Стрмина, Господ фрлаше од небото на нив град од камења сè до Азика, па гинеа. И загинаа повеќе од градот од камења, отколку што ги погубија Израелевите синови со своите мечеви.

12. Во оној ден кога Господ им ги предаде Аморејците на Израелевите синови, Исус му се обрати на Господа и извика пред Израелците: „Сонце, застани над Гаваон, и месечино, над долината Еалон!”

Прочитајте целосна глава Исус Навин 10