2. Тогаш му соопштија на Давидовиот дом: „Сиријците се настанија во Ефрем.” На таа вест се растреперија царевото срце и срцето на целиот народ, како што во гората растреперуваат стеблата од ветерот.
3. И Господ му рече на Исаија: „Излези му во пресрет на Ахаз, ти и твојот син Сеар Јасув, до крајот на водоводот на горниот рибник покрај патот за Бељарово Поле.
4. Речи му: ‘Внимавај, смири се, не бој се, и нека не ти примира срцето, од овие две чадливи гламничиња, од распалениот бес на сирискиот Ресин, и на Ремалииновиот син,
5. зашто Арам, Ефрем и синот Ремалиин ја смислија твојата пропаст.
6. „Да тргнеме, рекоа, против Јудеја, да ја уплашиме и да ја освоиме, за да го зацариме во неа синот Тавеилов.”
7. ‘Вака зборува Господ Бог: „Тоа нема да се случи, тоа не ќе биде!
8. Дамаск е глава на Сиријците, а Ресин е глава на Дамаск; уште шеесет и пет години, и Ефрем, разурнат, веќе нема да биде народ.
9. Самарија е глава на Ефремците, а Ремалиј е глава на Самарија. Ако не се потпрете на Мене не ќе се одржите.”‘“
10. Господ му проговори пак на Ахаз и му рече:
11. „Побарај од Господа, својот Бог, знак за себе од длабочината на Подземјето или од височините горе.”
12. Но Ахаз одговори: „Не, не сакам да барам и не сакам да Го искушувам Господа.”
13. Тогаш Исаија рече: „Чујте, Давидов доме, зар ви е малку да им додевате на луѓето, па и на мојот Бог Му додевате!
14. Затоа, Господ Сам ќе ви даде знак: Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му даде име Емануел!
15. Тој ќе се храни со млеко и мед, додека не се научи да го отфрла злото и да го избира доброто.
16. Зашто, пред младенецот да научи да го отфрла злото и да го избира доброто, земјата ќе опусти, заради која трепериш, од две царства.