Стар Завет

Нов Завет

Исаија 7:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во деновите на јудејскиот цар Ахаз, синот Јотамов, синот Озиев, сирискиот цар Ресин и израелскиот цар Факеј, синот Ремалиин, завојуваа против Ерусалим, но не можеа да го заземат.

2. Тогаш му соопштија на Давидовиот дом: „Сиријците се настанија во Ефрем.” На таа вест се растреперија царевото срце и срцето на целиот народ, како што во гората растреперуваат стеблата од ветерот.

3. И Господ му рече на Исаија: „Излези му во пресрет на Ахаз, ти и твојот син Сеар Јасув, до крајот на водоводот на горниот рибник покрај патот за Бељарово Поле.

4. Речи му: ‘Внимавај, смири се, не бој се, и нека не ти примира срцето, од овие две чадливи гламничиња, од распалениот бес на сирискиот Ресин, и на Ремалииновиот син,

5. зашто Арам, Ефрем и синот Ремалиин ја смислија твојата пропаст.

6. „Да тргнеме, рекоа, против Јудеја, да ја уплашиме и да ја освоиме, за да го зацариме во неа синот Тавеилов.”

7. ‘Вака зборува Господ Бог: „Тоа нема да се случи, тоа не ќе биде!

8. Дамаск е глава на Сиријците, а Ресин е глава на Дамаск; уште шеесет и пет години, и Ефрем, разурнат, веќе нема да биде народ.

9. Самарија е глава на Ефремците, а Ремалиј е глава на Самарија. Ако не се потпрете на Мене не ќе се одржите.”‘“

10. Господ му проговори пак на Ахаз и му рече:

11. „Побарај од Господа, својот Бог, знак за себе од длабочината на Подземјето или од височините горе.”

12. Но Ахаз одговори: „Не, не сакам да барам и не сакам да Го искушувам Господа.”

13. Тогаш Исаија рече: „Чујте, Давидов доме, зар ви е малку да им додевате на луѓето, па и на мојот Бог Му додевате!

14. Затоа, Господ Сам ќе ви даде знак: Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му даде име Емануел!

15. Тој ќе се храни со млеко и мед, додека не се научи да го отфрла злото и да го избира доброто.

16. Зашто, пред младенецот да научи да го отфрла злото и да го избира доброто, земјата ќе опусти, заради која трепериш, од две царства.

17. Против тебе и против твојот народ и против куќата на татка ти, Господ ќе донесе денови какви не биле откога Ефрем се оддели од Јуда, - асирскиот цар.”

Прочитајте целосна глава Исаија 7