Стар Завет

Нов Завет

Исаија 66:8-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Кој чул такво нешто, кој видел такво нешто? Може ли земјата да биде населена во еден ден? Дали може народ да се роди одеднаш? А штом ги почувствува болките, Сионката роди синови!

9. Зар би го отворил Јас мајчиното крило а таа да не роди? - зборува Господ. Зар Јас - Кој го давам раѓањето, би ја затворил утробата?” вели твојот Бог.

10. „Веселете се со Ерусалим, воскликнувајте заради него сите кои го љубите! Радувајте се, радувајте се со него, сите кои тажевте над него!

11. Надојте се и наситете се на градите на неговата утеха, за да се напиете и насладите на градите на неговата слава.”

12. Зашто Господ зборува вака: „Еве, ќе го навратам мирот врз нив како река, и како збуен поток богатството на народите. Ќе ги носам на раце неговите доенчиња и ќе ги милувам на колената.

13. Како што мајката го теши синот, така и Јас ќе ве утешам - ќе се утешите во Ерусалим.”

14. Кога ќе го видите тоа, срцето ќе ви се радува, и ќе ви процветаат коските како млада трева. Ќе се пројави Господовата рака на Неговите слуги и гневот над неговите непријатели.

15. Зашто, еве, Господ доаѓа со оган - воената кола Му е како виор - за да го излее Својот гнев во јарост и Своите закани во вжарен оган.

16. Да, Господ ќе му суди со оган и со меч на секој смртник: поразените од Господа ќе бидат мноштво.

17. „Оние кои се посветуваат и се чистат во градините зад оној еден на средина, кои јадат свинско, нечисто и глувци - сите ќе загинат заедно,” говори Господ.

18. „Јас ги познавам добро нивните дела и нивните намери. Доаѓам да ги соберам сите народи и јазици, и тие ќе дојдат и ќе ја видат Мојата Слава!

19. Ќе им поставам знак и ќе ги испратам преживеаните од нив кон народите во Тарсис, Фул, Луд, Мошек, Рош, Тувал и Јаван - при далечните острови кои не чуле глас за Мене ниту ја виделе Мојата Слава - и тие ќе им ја навестуваат Мојата Слава на народите.

20. И ќе ги доведам сите ваши браќа од сите народи како принос на Господа - на коњи, на бојни коли, на носилки, на мазги и на едногрби камили - на Својата Света Гора во Ерусалим - зборува Господ - како што Израелевите синови принесуваат принос во чисти садови во Господовиот Дом.

21. И ќе си земам од нив свештеници, левити - зборува Господ.

22. Зашто, како што новата небеса и новата земја, што ќе ги создадам, ќе траат пред Мене - слово е Господово - така ќе ви траат името и потомството.

23. Од нова месечина до нова месечина, од сабота до сабота, секое тело ќе доаѓа за да се поклони пред Моето лице - говори Господ.

24. Излегувајќи, ќе ги гледаат труповите на луѓето кои се одметнаа од Мене: нивниот црв не ќе умре, и нивниот оган не ќе угасне - ќе бидат гнасни на секое тело.”

Прочитајте целосна глава Исаија 66