Стар Завет

Нов Завет

Исаија 65:13-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Затоа Господ зборува вака: „Еве, Моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате. Еве, Моите слуги ќе пијат, а вие ќе жеднеете. Еве, Моите слуги ќе се веселат, а вие ќе се срамите.

14. Еве, Моите слуги ќе се радуваат, од среќа во срцето, а вие ќе викате од болка во срцето, и ќе пиштите со скрушен дух.

15. Своето име ќе им го оставите за клетва на Моите избраници: ‘Така ќе те убие Господ!’ А Своите слуги Тој ќе ги вика со друго име.

16. Кој ќе се благословува во земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог. И кој ќе се колне во земјата, нека се заколнува во верниот Бог. Зашто поранешните неволји ќе бидат заборавени, ќе бидат скриени од Моите очи.

17. Зашто, еве, Јас создавам нова небеса и нова земја. Поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум.

18. Веселете се и воскликнувајте довека заради она што Јас создавам; зашто, еве, од Ерусалим создавам воскликнување, од неговиот народ радост.

19. И ќе воскликнувам над Ерусалим, ќе се радувам над Својот народ. Во него веќе не ќе се чуе ни плач ни ридање.

20. Во него веќе не ќе има новороденче кое ќе живее малку денови, ни старец кој не би ги исполнил своите години: најмладиот ќе умре како стогодишник, а кој не ќе доживее сто години ќе биде сметан за проклет.

21. Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод.

22. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце.

23. Не ќе се измачуваат напразно и не ќе раѓаат за прерана смрт, зашто тие со своите потомци ќе бидат род на Господовите благословеници.

24. Пред да Ме призоват, Јас ќе им одговорам; уште ќе зборуваат, а Јас веќе ќе ги послушам.

25. Волкот и јагнето ќе пасат заедно, лавот ќе јаде слама како говедото; но змијата ќе се храни со прав. Никој не ќе прави зло ни штета на целата Моја Света Гора, „ говори Господ.

Прочитајте целосна глава Исаија 65