Стар Завет

Нов Завет

Исаија 65:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Ме побараа, кои не прашуваа за Мене, Ме најдоа, кои не Ме бараа; му реков: ‘Еве Ме! Еве Ме!’ на народ, кој не го повикуваше Моето Име.

2. Секогаш ги испружував рацете кон бунтовничкиот народ, кој оди по лош пат, по своите мисли,

3. на народ што непрекратно Ме расрдува во лице: жртвуваат по градините, кадат на плитарите,

4. живеат по гробовите и ноќе, на скришни места, јадат свинско, ставаат во садовите нечисти јадења.

5. И уште зборуваат: ‘Отстрани се! Не ми се приближувај за да не те посветам.’ Тие Ми се дим во носот, оган што гори постојано.

6. Еве, сè е напишано пред Мене: не ќе молкнам додека не им платам, додека не им платам во пазувите,

7. за беззаконијата ваши и на вашите татковци, на сите заедно - зборува Господ. Кои принесуваа кадење на горите и Ме хулеа на брежињата - ќе им измерам во крилото плата за поранешните дела.”

8. Господ зборува вака: „Како што велат за сокот во гроздот: ‘Не уништувај го, во него е благослов!’ Така ќе направам и Јас заради Моите слуги, не ќе ги уништам сите.

9. Ќе изведам семе од Јакова, а од Јуда наследник на Моите гори; Моите избраници ќе ги наследат, и Моите слуги ќе се населат таму.

10. Сарон ќе стане пасиште за овците, а Ахорската Низина почивалиште за говедата - на Мојот народ, кој Ме бара Мене.

11. А вие, кои Го оставивте Господа, кои ја заборавивте Мојата Света Гора, кои му приготвувате стол на Гад, кои му налевате налевница на Мениј,

12. ве одредив за меч - ќе паднете ничкум, за да ве колат. Зашто ве викав, а вие не одговаравте, зборував, а вие не слушавте, туку вршевте што е зло во Моите очи, го избравте она што не е по Моја волја.”

13. Затоа Господ зборува вака: „Еве, Моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате. Еве, Моите слуги ќе пијат, а вие ќе жеднеете. Еве, Моите слуги ќе се веселат, а вие ќе се срамите.

Прочитајте целосна глава Исаија 65