Стар Завет

Нов Завет

Исаија 5:9-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Господ над Војските ми рече во моите уши: „Навистина, многу куќи ќе опустат, големи и убави ќе бидат без жители.

10. Десет рала лозје ќе дадат само бочвенце, а мерка семе ќе даде само меричка.”

11. Тешко им на тие кои стануваат рано наутро, одат по жесток пијалак и седат доцна во ноќта распалени со виното.

12. На гозбите им се: харфи и псалтири, тапанчиња и кавалчиња покрај виното, а не се грижат за Господовото дело, не го гледаат делото на Неговите раце.

13. Затоа Мојот народ ќе биде одведен во ропство, зашто нема разумност, неговите првенци ќе умираат од глад, неговите луѓе ќе горат од жед.

14. Да, Подземјето ќе го отвори своето грло, ќе ја рашири устата неизмерно за да паднат главечки во него неговите првенци и мноштвото, со сета врева и веселба!

15. Смртникот ќе се наведне, човекот ќе се понижи, погледот на силните ќе се сврти надолу.

16. Господ над Воинствата ќе се возвиши во суд, и Светиот Бог ќе ја открие Својата светост во правда.

17. Јагнињата ќе пасат како на пасиштата, а туѓинците ќе јадат по богаташките урнатини.

18. Тешко им на оние кои ја влечат вината врз себе со воловски јажиња и гревот со колски јажиња -

19. на оние што говорат: „Нека поита, нека побрза со Своето дело, за да го видиме, нека се приближи и нека го заврши наумот на Израелевиот Светец, за да знаеме!”

20. Тешко им на оние што злото го наречуваат добро, а доброто зло, кои прават светлина од темнината, а од светлината темнина, што горчливото го прават благо, а благото горчливо!

21. Тешко им на оние кои се мудри во сопствените очи и умни само пред себе!

22. Тешко им на оние кои се силни во виното и јунаци во мешањето на силните пијалаци;

23. и на оние кои го бранат виновниот за поткуп, а праведникот го лишуваат од правдата!

24. Затоа, како што огнот ја проголтуваат сламата, и како што сувата трева исчезнува во пламенот, така ќе изгние нивниот корен, нивната папка ќе се разлета како прав, зашто го отфрлија Законот на Господа над Воинствата и го презреа Словото на Израелевиот Светец.

25. Затоа се распали Господовиот гнев против Неговиот народ, и Тој крена рака на него и го удри, па се стресоа горите: нивните стебла лежат по улиците како отпадоци, но Неговиот гнев уште не се смири, и раката Му е уште крената.

Прочитајте целосна глава Исаија 5