Стар Завет

Нов Завет

Исаија 5:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Ќе му ја запеам на својот возљубен, песната на мојот љубен, на неговото лозје: Мојот љубен имаше лозје на плодно ритче.

2. Го ископа, ги исчисти камењата, го засади со благородна лоза. Среде него тој изгради стражарница, и стави пивница во него. Се надеваше дека ќе роди добро грозје, но тоа роди диво грозје.

3. „Сега ерусалимски жители и луѓе Јудејци, пресудете меѓу Мене и Моето лозје.

4. Што можев уште да направам за Своето лозје па што веќе не го направив? Се надевав дека ќе роди добро грозје, а ете, роди кисело грозје?

5. Но, сега ќе ви кажам што ќе направам од Своето лозје: ќе му го отстранам плетот, за да го опустат, ќе го разурнам ѕиданото, за да го изгазат.

6. Ќе го претворам во пустина, ни режано ни ископано, нека зарасте сето во трниште и трње; ќе им забранам на облаците да не леат дожд на него.”

7. Лозјето на Господа над Воинствата е Израелевиот дом; Неговиот избран расад: луѓето Јудејци. Тој чекал правдосудство, а ете крвопролевање; чекал правда, а ете пискот.

8. Тешко ви вам што приближувате куќа до куќа и што составувате нива со нива, додека не го заземете сето место па да станете единствени во земјата.

9. Господ над Војските ми рече во моите уши: „Навистина, многу куќи ќе опустат, големи и убави ќе бидат без жители.

10. Десет рала лозје ќе дадат само бочвенце, а мерка семе ќе даде само меричка.”

11. Тешко им на тие кои стануваат рано наутро, одат по жесток пијалак и седат доцна во ноќта распалени со виното.

12. На гозбите им се: харфи и псалтири, тапанчиња и кавалчиња покрај виното, а не се грижат за Господовото дело, не го гледаат делото на Неговите раце.

13. Затоа Мојот народ ќе биде одведен во ропство, зашто нема разумност, неговите првенци ќе умираат од глад, неговите луѓе ќе горат од жед.

14. Да, Подземјето ќе го отвори своето грло, ќе ја рашири устата неизмерно за да паднат главечки во него неговите првенци и мноштвото, со сета врева и веселба!

Прочитајте целосна глава Исаија 5