Стар Завет

Нов Завет

Исаија 42:3-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Тој не ја крши напукнатата трска ниту ја гасне светилката што тлее. Верно Тој донесува правда,

4. не постанува и не се истоштува, додека не воспостави правда на земјата. Островите копнеат по Неговата наука.”

5. Вака зборува Господ, Бог, Кој ги создаде и ги оптегна небесата, Кој ја распростре земјата и нејзините растенија, Кој им дава здив на народите на неа, и здив на суштествата што одат по неа.

6. „Јас, Господ, те повикав во правда, те зедов цврсто за рака; те вообличив и те поставив за Завет на народот и за светлина на племињата,

7. за да им ги отвориш очите на слепите, за да ги извадиш затворениците од темницата, од темнината оние што живеат во мрак.

8. Јас, Господ Ми е Име, не му ја давам Мојата Слава на друг, ниту Својата чест на киповите.

9. Што прореков порано, ете, се збидна, и нови настани Јас навестувам, и пред да се покажат, ви ги јавувам вам.”

10. Пејте Му на Господа нова песна и Негова фалба од крајот на земјата, нека Го слави морето со сè што е во него, островите и нивните жители!

11. Нека кренат глас пустината и нејзините градови, нека извикаат населбите каде што живеат Кидарците! Нека подвикнуваат жителите на Стената, нека воскликнуваат од горските врвови!

12. Нека Му даваат слава на Господа и нека му ја возвестуваат фалбата по островите!

13. Господ излегува како Јунак, како војник ја поттикнува својата жар. Со борбен извик и со воена викотница оди јуначки на Својот непријател.

14. „Молчев долго, бев тивок, се воздржував; сега викам како жена кога раѓа, збивам и воздивнувам.

15. Ќе ги запустам планините и бреговите, ќе го исушам сето зелено во нив, реките ќе ги претворам во степи и ќе ги исушам езерата.

16. Ќе ги водам слепците по патиштата, ќе ги упатам по патеките. Пред нив ќе ја обрнам темнината во светлина, а нерамната почва во рамна. Тоа ќе го направам и нема да ги оставам.

17. Ќе се вратат назад во голем срам оние што се надеваат на идоли, кои им зборуваат на леаните ликови: ‘Вие сте наши богови.’

18. Чујте, глуви! Прогледајте, слепи, да видите!

19. Кој е слеп ако не Мојот слуга, кој е глув како гласникот што го испраќам? Кој е слеп како пријателот, кој е глув како Господовиот слуга?

Прочитајте целосна глава Исаија 42