Стар Завет

Нов Завет

Исаија 42:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Еве Го Мојот Слуга Кого Го поткрепувам, Мојот Избраник, мил на Мојата душа. Го излеав Својот Дух на Него, за да им донесува право на народите.

2. Тој не вика, Тој не го крева гласот, ниту може да се чуе по улиците.

3. Тој не ја крши напукнатата трска ниту ја гасне светилката што тлее. Верно Тој донесува правда,

4. не постанува и не се истоштува, додека не воспостави правда на земјата. Островите копнеат по Неговата наука.”

5. Вака зборува Господ, Бог, Кој ги создаде и ги оптегна небесата, Кој ја распростре земјата и нејзините растенија, Кој им дава здив на народите на неа, и здив на суштествата што одат по неа.

6. „Јас, Господ, те повикав во правда, те зедов цврсто за рака; те вообличив и те поставив за Завет на народот и за светлина на племињата,

7. за да им ги отвориш очите на слепите, за да ги извадиш затворениците од темницата, од темнината оние што живеат во мрак.

8. Јас, Господ Ми е Име, не му ја давам Мојата Слава на друг, ниту Својата чест на киповите.

9. Што прореков порано, ете, се збидна, и нови настани Јас навестувам, и пред да се покажат, ви ги јавувам вам.”

10. Пејте Му на Господа нова песна и Негова фалба од крајот на земјата, нека Го слави морето со сè што е во него, островите и нивните жители!

11. Нека кренат глас пустината и нејзините градови, нека извикаат населбите каде што живеат Кидарците! Нека подвикнуваат жителите на Стената, нека воскликнуваат од горските врвови!

12. Нека Му даваат слава на Господа и нека му ја возвестуваат фалбата по островите!

Прочитајте целосна глава Исаија 42