Стар Завет

Нов Завет

Исаија 40:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Тешете го, тешете го, Мојот народ,” говори вашиот Бог.

2. „Зборувајте му на срцето на Ерусалим, викајте му, за да му сврши ропството, за да му биде простена вината, зашто од Господовата рака прими двојно за сите свои гревови.”

3. Глас вика: „Пригответе Му на Господа пат низ пустината. Израмнете ја патеката на нашиот Бог во степата.

4. Нека се издигне секоја долина, нека се спушти секоја гора и бреже. Што е нерамно, нека се израмни, стрмнините нека станат рамни.

5. Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види, зашто Господовата уста зборуваше.”

6. Гласот наложува: „Викај!” Одговорив: „Што да викам?” - „Секое тело е како трева, неговата сета убавина е како полски цвет.

7. Тревата се суши, цветот свенува, кога Господовиот здив ќе помине преку нив. Навистина, народот е трева.

8. Тревата се суши, цветот овенува, но Словото на нашиот Бог останува довека.”

9. Искачи се на висока гора, гласнику на Добрата вест, Сионе! Поткрени го силно својот глас, гласнику на Добрата вест, Ерусалиме! Издигни го, не бој се, речи им на јудејските градови: „Еве Го вашиот Бог!”

10. Ете, Господ Бог доаѓа со сила, владее со Својата мишка! Еве ја со Него и Неговата плата, а пред Него Неговата награда.

11. Како пастир го пасе Своето стадо, во рацете ги зема јагнињата, ги носи во Својата прегратка, и внимателно ги негува доилките.

Прочитајте целосна глава Исаија 40