Стар Завет

Нов Завет

Исаија 37:23-38 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Кого го навредуваше, го хулеше? На кого викаше гласно, креваше горделив поглед? На Израелевиот Светец!

24. Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: ‘Со мноштво коли јас се искачив на врвот на горите, на највисоките врвови на Ливан. Јас му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Достигнав до неговиот највисок врв и до неговата гораста градина.

25. Копав и пиев туѓи води; тогаш со стапалата ги исушив сите египетски реки.’

26. Слушаш ли добро? Одамна го одредив тоа, го смислував од старини. Сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини;

27. нивните жители, немоќни, исплашени и збунети, беа како трева во полето, како младо зеленило, како трева врз покривите, спалена од источниот ветер.

28. Знам кога се креваш и кога седнуваш, кога излегуваш и кога се враќаш.

29. Зашто беснееше против Мене и бидејќи твојот бес стигна до Моите уши, ќе ти провнам прстен низ носалките, ќе ти ставам узди во устата, ќе те вратам по патот по кој што дојде!”‘

30. „А ова нека ти биде знак: Во оваа година ќе се јаде тоа што самото ќе расцвета, догодина тоа што ќе никне само, а на третата година сејте и жнејте, садете лозја, јадете им го родот.

31. Преживеаните од Јудината куќа ќе пуштат жили во длабочина, ќе родат плод во височина.

32. Зашто од Ерусалим ќе излезе Остатокот, спасените од Сионската Гора. Сето тоа ќе го направи ревноста на Господа над Војските.

33. Затоа Господ зборува вака за асирскиот цар: ‘Тој нема да влезе во овој град, ваму нема да ги фрла своите стрели, кон него нема ни штит да заврти, ниту ќе копа насипи околу него.

34. Ќе се врати по патот по кој и дојде, нема да влезе во овој град - слово е Господово.

35. Ќе го штитам овој град, ќе го закрилувам, заради Себе и заради Својот слуга Давид.’”

36. Тогаш Господов ангел излезе и погуби во асирскиот логор сто осумдесет и пет илјади луѓе. Наутро, кога требаше да се стане, ете, таму беа сè само мртовци.

37. Сенахирим го крена логорот и си отиде. Се врати во Нинива.

38. Еден ден додека се поклонуваше во храмот на својот бог Нисрок, неговите синови Адрамелех и Сарасар го убија со меч и избегаа во Араратската Земја. На неговото место се зацари неговиот син Есарадон.

Прочитајте целосна глава Исаија 37