20. А сега, Господи, Боже наш, избави нè од неговата рака, за да сознаат сите царства на земјата дека си Ти, Господи, Единствен Бог!”
21. Тогаш Исаија, синот Амосов, му порача на Езекија: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Ја послушав молитвата што ми ја упати заради Сенахирим, асирскиот цар.
22. Еве ги зборовите што Господ ги изговори против него: „Те презира, ти се потсмева, девицата Сионската Ќерка; по тебе мавта со главата Ерусалимската Ќерка.
23. Кого го навредуваше, го хулеше? На кого викаше гласно, креваше горделив поглед? На Израелевиот Светец!
24. Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: ‘Со мноштво коли јас се искачив на врвот на горите, на највисоките врвови на Ливан. Јас му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Достигнав до неговиот највисок врв и до неговата гораста градина.
25. Копав и пиев туѓи води; тогаш со стапалата ги исушив сите египетски реки.’
26. Слушаш ли добро? Одамна го одредив тоа, го смислував од старини. Сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини;
27. нивните жители, немоќни, исплашени и збунети, беа како трева во полето, како младо зеленило, како трева врз покривите, спалена од источниот ветер.
28. Знам кога се креваш и кога седнуваш, кога излегуваш и кога се враќаш.
29. Зашто беснееше против Мене и бидејќи твојот бес стигна до Моите уши, ќе ти провнам прстен низ носалките, ќе ти ставам узди во устата, ќе те вратам по патот по кој што дојде!”‘