Стар Завет

Нов Завет

Исаија 37:13-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Каде е ематскиот цар, арфадскиот цар, царот на градот Сефарвим, на Ена и Ава?’”

14. Езекија го прими писмото од раката на посланикот и го прочита. Потоа влезе во Господовиот Дом и го одвитка таму пред Господа.

15. И Езекија Му се помоли на Господа вака:

16. „Господи над Воинствата, Израелев Боже, Кој седиш меѓу херувимите, Ти си единствениот Бог над сите царства на земјата, Ти ги создаде небото и земјата.

17. Приклони го увото, Господи, и чуј! Отвори ги очите, Господи, и види! Чуј ги Сенахировите зборови, што ги испрати за да Го похули живиот Бог.

18. Вистина е, о Господи, дека асирските цареви ги сотреа сите народи и нивните земји;

19. им ги фрлија во оган боговите, зашто не беа богови тоа, туку дела на човечките раце од дрво и затоа ги уништија.

20. А сега, Господи, Боже наш, избави нè од неговата рака, за да сознаат сите царства на земјата дека си Ти, Господи, Единствен Бог!”

21. Тогаш Исаија, синот Амосов, му порача на Езекија: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Ја послушав молитвата што ми ја упати заради Сенахирим, асирскиот цар.

22. Еве ги зборовите што Господ ги изговори против него: „Те презира, ти се потсмева, девицата Сионската Ќерка; по тебе мавта со главата Ерусалимската Ќерка.

23. Кого го навредуваше, го хулеше? На кого викаше гласно, креваше горделив поглед? На Израелевиот Светец!

24. Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: ‘Со мноштво коли јас се искачив на врвот на горите, на највисоките врвови на Ливан. Јас му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Достигнав до неговиот највисок врв и до неговата гораста градина.

25. Копав и пиев туѓи води; тогаш со стапалата ги исушив сите египетски реки.’

26. Слушаш ли добро? Одамна го одредив тоа, го смислував од старини. Сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини;

27. нивните жители, немоќни, исплашени и збунети, беа како трева во полето, како младо зеленило, како трева врз покривите, спалена од источниот ветер.

28. Знам кога се креваш и кога седнуваш, кога излегуваш и кога се враќаш.

29. Зашто беснееше против Мене и бидејќи твојот бес стигна до Моите уши, ќе ти провнам прстен низ носалките, ќе ти ставам узди во устата, ќе те вратам по патот по кој што дојде!”‘

Прочитајте целосна глава Исаија 37