Стар Завет

Нов Завет

Исаија 29:7-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Ќе бидеш како сон, како ноќно видение: мноштво на сите народи што војуваат со Ариел и на сите оние кои завојуваа против него и против неговата тврдина и кои го притискаа отсекаде.

8. Ќе биде како кога гладниот сонува дека јаде, а се разбудува со празен желудник; и како кога жедниот сонува дека пие, па се разбудува - изнемоштен - со суво грло. Така ќе им се случи на многуте народи, кои војуваа против Сионската Гора.

9. Застанете, скаменете се од чудо, ослепете и заслепете се! Пијани се, ама не од вино, се тетерават, ама не од жесток пијалак.

10. Господ излеа на вас дух на премалување, ги затвори вашите очи - пророците, ја прекрши вашата глава - гледачите.

11. Затоа секое видение ќе ви биде како зборови во запечатена книга: ако му биде дадена на некој што знае да чита, велејќи: „Ајде, читај го тоа!” - тој ќе одговори: „Не можам, зашто е запечатена.”

12. А ако му биде дадена на некој што не знае да чита, велејќи: „Читај го тоа!” - тој ќе одговори: „Не знам да читам.”

13. Господ рече: „Бидејќи овој народ Ми пристапува само со устата, и Ме почитува само со усните, а срцето му е далеку од Мене, и неговото почитување научено од човечки одредби,

14. затоа, еве, и натаму ќе постапувам чудно со овој народ - чудно и пречудно: и ќе пропадне мудроста на неговите мудреци, ќе потемнее умноста на неговите умници.”

15. Тешко им на оние што се кријат од Господа, за да ги скријат своите намери, и кои во мрак дејствуваат и зборуваат: „Кој нè гледа и кој нè позна?”

16. Колкаво безумство! Дали се цени глината колку грнчарот, па делото да му рече на својот творец: „Тој не ме направи?” Или грнецот да му рече на грнчарот: „Тој не разбира ништо?”

17. Не ќе ли се претвори скоро Ливан во градина, а овошникот да се изроди во гора?

18. И во оној ден глувите ќе го чујат словото на книжниот свиток; очите на слепите, ослободени од мракот и темнината, ќе гледаат.

Прочитајте целосна глава Исаија 29