Стар Завет

Нов Завет

Исаија 2:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Видение на Амосовиот син Исаија, за Јудеја и за Ерусалим:

2. Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом ќе биде поставена над сите гори, возвишена над сите брегови. Кон неа ќе одат сите народи,

3. ќе се втурнат многу племиња и ќе речат: „Ајде, да се искачиме на Господовата Гора, да отидеме во Домот на Јакововиот Бог. Тој ќе нè научи на Своите патишта, ќе одиме по Неговите патеки.” Зашто Законот ќе дојде од Сион, Господовото слово од Ерусалим.

4. Тој ќе им биде судија на народите, ќе им суди на многу племиња, кои ќе ги прековат мечевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување.

5. Јаковов доме, дојдете, да одиме во Господовата светлина!

6. Да, Ти го отфрли Својот народ, Јакововиот дом, зашто е полн со вражалци од исток и гатачи како Филистејците, се побратимуваат со туѓинци.

7. Земјата му е полна со сребро и злато, и нема крај на неговото богатство; земјата им е полна со коњи, нема број на неговите коли.

8. Земјата му е преполна со идоли, и тие се поклонуваат пред делото на своите раце, пред она што го направија нивните прсти.

9. Смртникот ќе се наведне, човекот ќе се снизи; не проштавај им.

10. Влези меѓу пештерите, скриј се во правот, пред Господовиот ужас, пред славата на Неговото Величество кога ќе стане да ја растресе земјата.

11. Гордиот поглед ќе биде скршен, и човечкото високоумие ќе биде понижено. Господ ќе се возвиши, Единствено Тој - во оној ден.

12. Да, тоа ќе биде ден на Господа над Војските, против сите горделиви и издигнати, против сите што се возвишуваат, за да ги собори;

13. против сите либански кедри и против сите васански дабови;

14. против сите вишнати гори и против сите издигнати брегови;

15. против секоја висока тврдина, и против сите цврсти ѕидови;

Прочитајте целосна глава Исаија 2